Заврши геофизичкото скенирање на предисториски локалитети во Охридско-преспанскиот Регион

„Тумбите и наколните населби на предисториски локалитети во Охридско-преспанскиот Регион и Пелагонија се подеднакво опкружени со ровови и имаат линеарен распоред на градбите. Тоа дополнително ја потврдува комплексната организација на предисториските локалитети и овозможува подобро разбирање на архитектурата, просторното планирање и општествените процеси во различни етапи на овој период“, соопшти Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) кој неодамна го заврши геофизичкото скенирање на предисториски локалитети во овој дел од Македонија.

– Скенирањето е изведено на неколку неолитски, енеолитски и бронзенодобни тумби и палафити, при што е направен увид во просторното уредување на овие населби. Во текот на изминатите години, ЦИП скенираше дваесеттина предисториски населби, што овозможува нивна трајна заштита и прецизно планирање на идните истражувања – велат археолозите.

Со помош на примената на геофизичкото скенирање се добиваат егзактни податоци за позицијата на архитектонските обележја присутни на локалитетите. На тој начин, се обезбедуваат информации со што ќе се оневозможи нивно оштетување или пак, може да се предвиди нивно прецизно истражување во иднина.

Геофизичкото скенирање на предисториските локалитети во југозападниот дел на Македонија е поддржано од Министерството за култура и Фондацијата за проучување и заштита на тумбите. Носител на проектот е Центарот за истражување на предисторијата, а скенирањето е направено во соработка со заводите и музеи од Охрид, Битола и од Прилеп и Принципат од Краков.

Фото: Центар за истражување на предисторијата (ЦИП)

Сподели