Никола Настоски, Сара Климоска, Ивана Павлаковиќ, Драгана Костадиновска и Исмет Шабановиќ – врз нивната актерска жар треба да се грее македонскиот театар и во иднина.

„Работи за кои не зборуваме“ допира таму каде што не сакате. Таму каде што театарот, меѓу другото, и треба да допира. Таму каде што на моменти ни е непријатно, каде ни е страв да бидеме искрени, отворени. Секој збор во претставата на Нела Витошевиќ („Вондерленд театар“ и МНТ) понира во секоја жена, а е убаво да допре до секој маж.

На моменти „Работи за кои не зборуваме“ дејстувува како да е продолжување на „Мојот маж“ (Драмски театар). Витошевиќ е режисерка која во театарот никогаш не се занимава со неважни работи. Не се плаши да отвора прашања, да им навлегува на закоравените предрасуди и стереотипи во нашето општетво, да не заголицкува со теми што малкумина се обидуваат.

„Работи за кои не зборуваме“ се роди по метод на истражување. Тоа ја прави претставата уште посилна, поавтентнична – затоа што дури ја гледате, го немате тоа чувствто дека ќе гледате нечии сведоштва и дека треба да има документаристички пристап. Напротив, актерската екипа успева да ги вткае сите тие анонимни приказни на жени од цела Македонија во драматургија која има тек и неопходна кулминација.

Актерите, како и секогаш кај Витошевиќ, се внимателно избрани. Тие не се штедат на сцена да извадат и лични моменти за да ги зачинат туѓите приказни, да изгорат за театарот. Тоа се актери што се среќни што се пред публика и го дишат со публиката.

Драгана Костадиновска и Никола Настоски во сцена од претставата

Никола Настоски, Сара Климоска, Ивана Павлаковиќ, Драгана Костадиновска и Исмет Шабановиќ – врз нивната актерска жар треба да се грее македонскиот театар и во иднина. Без разлика колку да ви се чини дека некои од репликите се извадени од муабетите на вашата соседка или од некоја ваша другарка и ги сметате за клише, тие наоѓаат начин да „ве стигнат“. Насмевката многу брзо ви станува горчина со чие чувство ќе излезете од гледалиштето.

„Работи за кои не зборуваме“ е светло во тунелот на македонскиот (пост)ковид-театар. Македонската театарска сцена, исплашена и препуштена на рестрикциите, речиси две години не понуди храбри чекори, со чест на исклучоците. Затоа претстави како „Работи за кои не зборуваме“, иницирани од независен театар („Вондерленд“) се бисери кои треба да ги поддржеме, да ги препорачаме, да им дозволиме да не здоболат, да им го дадеме соодветното место…

Фотографии: Кире Галевски

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.