Културното наследство, материјално и нематеријално, со својата разновидност и посебност е богатство на човештвото, а неговата заштита е еден од најзначајните показатели за препознавање, дефинирање и афирмација на културниот идентитет – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на промоцијата на публикацијата „Европските начела за квалитет за интервенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство“, што се одржа вчера во Europe House Скопје.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека поддршката на ЕУ за издавање на оваа публикација на македонски јазик е значаен придонес во збогатувањето на домашната стручна литература којашто ќе помогне да бидеме во чекор со најсовремените пристапи во заштитата на културното наследство. Таа упати благодарност до Делегацијата на Европската Унија за поддршката и за континуираниот придонес во утврдувањето на стандардите во областа на културното наследство и до ИКОМОС Македонија за посветеноста и ентузијазмот при реализацијата на оваа иницијатива.

– Верувам дека оваа публикација ќе биде корисно четиво за сите корисници од оваа дејност, особено во поглед на управувањето со проекти. Суштината на ова издание не е да наметне модалитети за интервенција, правила кои се обврзувачки, и да даде готови технички решенија, туку да ги збогати сознанијата, да посоветува, да препорача и да им помогне во донесувањето одлуки на сите што се вклучени во проекти финансирани од ЕУ, а кои имаат потенцијал да влијаат врз културното наследство – рече министерката.

Таа потенцираше дека Министерството за култура годинава поддржа повеќе проекти што се во функција на развој, афирмација и промоција на културата.

Амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, истакна дека Македонија изобилува со неверојатно културно и природно наследство коешто треба да се заштити и да се промовира.

– Сигурен сум дека оваа публикација ќе им бидат од огромна помош на сите инволвирани во заштитата на културното наследство, како и на оние што сакаат да осигурат дека уметноста, традициите и генијот кои постоеле пред нас ќе бидат заштитени согласно со највисоки стандарди – нагласи Гир.

Претседателката на ИКОМОС Македонија, Кристина Бицева, рече дека изданието првпат почнало да се подготвува од експертска група на ИКОМОС, под мандат на Европската комисија и во рамките на водечката иницијатива на ЕУ за Европската година на културното наследство 2018 – „Негување на наследството: развивање стандарди за квалитет за проекти финансирани од ЕУ кои имаат потенцијал да влијаат врз културното наследство“.

Видеообраќања на настанот имаа и Риин Алаталу, потпретседател на ИКОМОС, и Мари-Лор Левенир, генерален директор на Меѓународниот секретаријат на ИКОМОС. Промотивниот настан продолжи со излагањата на Грелан Д. Рурк, ИКОМОС Ирска, како и со претставувањето на директорката на Заводот и музеј од Битола, Мери Стојанова, која се осврна на проектот за културно наследство финансиран од ЕУ во Македонија преку „ИПА ЦБЦ“ (IPA CBC) Албанија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.