Потекнувам од Неготино и точно знам колку на сите граѓани од внатрешноста им недостигаат културните содржини и колку тие се чувствуваат обесправено во однос на тоа што им се нуди на луѓето од поголемите градови, вели актерот Роберт Ристов, селектор на програмата
Со претставата „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ, Народниот театар од Битола синоќа ја крена завесата на првото издание на Меѓународниот фестивал на дуодрамата „Бранко Ѓорчев“ во Неготино. Први настапија актерите Викторија Степановска-Јанкуловска и Никола Стефанов. На сцената на Центарот за култура до 9 септември ќе гостуваат неколку национални, независни театри од земјава, но и регионот. Организатор на фестивалот, кој му оддава почит на големиот македонски актер Бранко Ѓорчев е театарот „Провокација“ во соработка со Центарот за култура и поддршка на општината на овој град. Разговараме со актерот Роберт Ристов, кој се погрижи за програмата.
Како дојдовте до идејата за фестивалот на дуодрамата, факт е дека кај нас нема фестивал посветен на оваа театарска форма?
– Идејата за фестивал на дуо драма произлезе од потребата да се понуди концепт за фестивал каков што досега кај нас немало и каков што сметам дека ѝ е потребен на македонската театарска сцена и театарската сцена од регионот. Минатата ковид-сезона, Театар Провокација продуцираше две дуодрами, како многу практична форма за работа во такви услови. Тоа беа претставите „Ожени ме“ и „Разведи ме“. Следствено во периодот баравме фестивали за учество на овие две претстви, кои концепциски одговараа за нив, а тоа се фестивали на камерен театар или фестивали на дуодрама. Така и дојдовме до сознанието дека во регионот постојат многу малку фестивали на дуодрама.

Роберт Ристов
Во моментот кога градоначалникот на Општина Неготино, Горан Стојанов и одговорните од секторот за култура, побараа од мене да понудам концепт за фестивал што би можел да се реализира со издвоениот буџет од општината, веднаш ја препознав можноста за организирање на фестивалот кој недостига и кој ќе биде единствен, а со самото тоа ќе има поголеми шанси за да опстои и премине во традиционален. Идејата беше веднаш прифатена и еве сега заеднички дојдовме до неговиот почеток.
Избравте да се вика Бранко Ѓорчев по нашиот голем и прерано починат актер. Чија беше идејата?
– Идејата за организација на фестивал што ќе го носи името на прерано починатиот неготински актер Бранко Ѓорчев, чии заслуги се од големо значење за македонскиот театар, произлезе од општината. Веднаш застанав зад истата и заедно се впуштивме во организација на истиот, трудејќи се овој фестивал да биде организаран на нивото кое го заслужува Ѓорчев.
Како ја направивте програмата, кој е концептот?
– Не сум подржувач на моментално многу актуелната практика, фестивалите да бидат тематски концепирани. Сметам дека со самото тоа, одредени претстави кои заслужуваат да бидат дел од одреден фестивал, само заради тоа што тематски не се совпаѓаат со онаа тема која ја одредил селекторот, ја губат шансата за учество на фестивалот. Мислам дека тоа е голема неправда за одредени продукции со квалитетни претстави и дека на овој начин наместо избирање на најдобрите претстави се задоволуваат некакви си интелектуални хирови на поединци избрани за селектори, кои се обидуваат да најдат некаков Н.З.С помеѓу избраните претстави, за на крајот да го извлечат како некаква „важна тема“, мотото на фестивалот. За сметка на тоа, се уништува иднината и актуелноста на претстави кои се на многу повисоко ниво од избраните.

На овој фестивал ги избрав претставите кои според некои мои критериуми, нудат естетска содржина, која заслужува да биде дел од ова прво издание на Фестивлот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“.
Се одлучивте да излезете од Скопје, што е за поздравување. Сметате ли дека културата мора да се децентрализира повеќе?
– Отсекогаш сме имале одлична соработка и со Општина Неготино и со Центарот за култура. Се надевам дека ваквиот однос и во иднина ќе го негуваме. Фестивалот, заради потребата од камерна сцена, на одредени претстави, ќе ги пробие конвенциите/рамките во однос на изведување на театар, само на театарска сцена. Две претстави ќе се одиграат во Музејот на град Неготино, една во Кафе бар „Амаро“ (простори за кој сметавме дека се најсоодветни за изведба на тие претстави), додека останатите три ќе бидат на сцената во Центарот.

Потекнувам од Неготино и точно знам колку тоа на младите, а и воопшто на сите граѓани од внатрешноста, им недостигаат културните содржини и колку тие се чувствуваат обесправено во однос на тоа што им се нуди на луѓето од поголемите градови. Затоа нашиот Театар Провокација го практикува концептот на патувачки театар и се обидува да помогне во тој процес на децентрализација на културата. Ова е шанса општината Неготино, секоја година во месец септември, да биде епицентар на театарски случувања и привлече многу театарџии од регионот, но и театарска публика, не само од Неготино, туку и од соседните општини.
Од моите неготинчани очекувам да ја искористат можноста и покажат интерес за фестивалот, со што ќе потврдат дека неготинската публика има потреба од ваков фестивал, кој заслужува да прерасне во традиционален.
Што планирате со Театар Провокација во новата сезона?
– Штотуку се вративме од Фестивал на дуодрама во Топола, Србија, како први учесници од Македонија, со претставата „Разведи ме“. На 10 септември, со истата претстава, учествуваме на ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица. После 20 септември, започнуваме со редовен репортар во „Салон 19.19“ и со подготовка на две нови претстави. Но, идните проекти, би ги оставил за во некоја следна прилика.





