Засилената (аугментативна) реалност на Филип Јовески во Битола

Во просториите на Друштвото на ликовните уметници на Битола вечерва во 19 часот ќе биде отворена интерактивната изложба на визуелниот уметник Филип Јовески од Прилеп. Тој ќе се претстави со 14 трансдисциплинарни дела, проткаени со наративи и мотиви инспирирани од богатото македонско културно наследство.

– Делата ги отелотворуваат верувањата и аспирациите на авторот кој со употребата на засилената (аугментативна) реалност го спојува уметничкиот израз со реалниот свет. Ваквата комбинација на традиционалните и дигиталните техники нуди огромен потенцијал за раскажување нови приказни и на едно инклузивно и интерактивно доживување во еден галериски простор – велат организаторите.

Филип Јовески (1982) е магистер по фини уметности и магистер по архитектура. Работи како мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник и архитект, кој инспирацијата за своето творештво ја наоѓа во спојот на секојдневното и фантастичното, традиционалното и модерното, уметноста и технологијата, креативната перцепција и научното истражување. Остварил уметнички студиски престои во Германија, Русија, Чешка и во Англија. Реализирал самостојни изложби во Германија (Берлин и Бремен) и во Македонија, и учествувал на повеќе интернационални групни изложби, проекти, уметнички колонии и биеналиња. Има освоено прва награда за фотографија, филм и мултимедија на Остен биенале 2024 и на Ноемвриската изложба на ДЛУБ за 2023та година. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ и ДЛУП, а неговите дела се наоѓаат во јавни институции и приватни колекции во Северна Македонија, Германија и Англија.

Изложбата ќе биде отворена до 28 февруари.

Сподели