„Засекогаш во срцата“ – концерт посветен на Тоше Проески во Битола

Центар за култура од Битола во соработка со Камерниот оркестар го најавиja 7. концерт „Засекогаш во срцата”, посветен на музичката легенда, Тоше Проески. Оваа година, концертот ќе биде посветен само на делата Проески. Концертот ќе се одржи на 22 март во големата сала на Центар за култура Битола, со почеток во 19 часот.

Тоше Проески, чие музичко патување беше прекинато прерано, остави неизбришлив траг во срцата на многумина низ Балканот и пошироко. Неговата способност да допре до душите на луѓето преку својот глас и емотивни текстови останува незаборавен. Неговите песни, од кои многу се хитови, се одликуваат со голема емоција.

Ќе настапат: Ѓоко Танески, Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Горан Наумовски, Бојан Стојков, Мина Блажев, Јасна Димитровска, Марија Митровска и Ангела Илиевска. Диригент ќе биде Владимир Димовски.

– Засекогаш во срцата“ е концерт посветен на нашата најголема поп-икона, чиј живот, за жал, прерано заврши. Во претходните години концертот го посветувавме и на други, за жал починати ѕвезди, како Пепи Бафтировски, Драган Каранфиловски Бојс, Аки Ракимовски, но оваа година тој е посветен исклучиво на Тоше – изјави Димовски.

За првпат оваа година ќе биде изведена песната „За овој свет“ со деца од Заводот за рехабилитација за деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ и Центарот „Порака“ од Битола, кои ќе ја изведат песната со знаковен јазик.

 

Сподели