Lønningspils – запознајте ја норвешката култура во центарот на Скопје

Ова е денот кога колегите излегуваат на пиво, често на денот кога добиваат плата или набргу потоа. Кај нас ќе се организира секој последен четврток во месецот – објаснува Марина Терповска-Штарго

„Ден за пиво“ поточно Lønningspils е наловен настанот кој утревечер во 18 часот паралелно ќе се одвива во три града – Сингапур, Максико Сити и во Скопје. Кај нас се организира за првпат во Beer garden во центарот на градот. Станува збор за долга норвешка традиција, а кај нас се организира во соработка со Норвешкиот културен центар. Поддршка на настанот дал и почесениот конзул на Кралството Норвешка во земјава.

– Ова е денот кога колегите излегуваат на пиво, често на денот кога добиваат плата или набргу потоа. Кај нас ќе се организира секој последен четврток во месецот – објаснува Марина Терповска-Штарго, амабасадор (претставник) на Норвешкиот културен центар за нашата земја.

Марина Терповска-Страго

Иницијатор на настанот е Норвешкиот културен центар кој е основан во Сингапур, а во моментот е базиран во Дубаи. Според Терповска-Штарго, визијата на Центарот е градење солидарност помеѓу Норвешка и глобалните заедници за да се одржи стабилност и мир на глобално ниво.

– Приказната на Џон Викан, основачот на Центарот е навистина интересна. Во март 2020 година, семејството Викан како вљубеници на азиската култура одат на патување за да ги истражат Сингапур и Азија. Но, како и поголем дел од светот, семејството Викан останува таму бидејќи поради пандемијата, Сингапур ги затвора своите граници на неoдредено време. Така тие одлучуваат да го отворат најпрво како јазичен центар каде децата со потекло од Норвешка ќе имаат можност да го изучуваат норвешкиот јазик за подоцна активностите да ги прошират и во полето на културата – објаснува Терповска-Штарго.

Според неа, тимот на Центарот гледа на технологијата како средство за растење и проширување на размената помеѓу норвешката уметност и култура и различните заедници ширум светот.

Средбите ќе се одржуваат секој последен четврток во месецот и се од отворена природа. Замислени се како социјални, неформални дружби помеѓу Македонци и Норвежани, односно Скандинавците кои се доселени кај нас.

– И јас пред дваесеттина години бев иселеник во Англија и лесно се пронајдов во оваа приказна. Кога си странец многу е важно да имаш некое место во градот каде што не се чувствуваш како странец. Добредојдени се сите љубители на норвешката па и скандинавската култура, а се поврзани на некој начин со тие земји или сакаат да научат нешто повеќе за нивната култура – вели Терповска-Штарго.

Ова е само почеток на реализација на средбите кои ќе прераснат во тематски настани, односно дискусии, литературни читања, изложби, театарски претстави, концерти итн.

– Сето ова треба да се прави чекор по чекор, без брзање, а во интерес на сите нас и пред сè во насока на збогатување на културата и културниот живот во нашата држава. Културата е сè што имаме и навистина секој влог на тоа поле е значаен и за нас како поединици и за нас како нација – вели Терповска-Штарго.

Таа во моментот регионален координатор на европски проект од областа на културата, за пет партнерскии држави и преку својата работа запознала многу луѓе кои работат и творат во регионот и ја унапредуваат културата и размената на културните вредности.

– Зедничка констатација ни е дека навистина имаме мала поврзаност со скандинавските земји. Многу наши млади луѓе искажаа интерес за соработка и за вмрежување со Норвешка особено на полето на театар, музика, литература, како и за можноста за изучување на норвешки јазик. Норвешкиот систем на работа во областа на култура е навистина на едно виско ниво и може многу да се научи од нив. Од друга страна, како што вели и Џон Викан, и нашата земја има долга традиција особено во областа на музиката, имаме традиционални песни, облека, храна, така што желбата за размена на искуства е взаемна – вели Терповска-Штарго.

Иницијативата почна во нашата земја, а ќе се развива и во регионот. Таа смета дека регионот интензивно вложува и работи во областа на културата, поседуваме капацитет, желба и мотив но недостасува поголема иницијатива, храброст и ресурси кои сето тоа би го координирале.

– Со доза на оптимизам, ќе оставиме времето да покаже како ќе се одвиваат работите. Само културата може да ги надмине сите несогласувања и притисоци кои владеат на Западен Балкан, а се наметнати од политката. Желбата за помирување и меѓусебна толеранција ќе победи и сите ние ќе го направиме Балканот едно подобро место за живеење – вели Терповска-Штарго.

Сподели