37. издание на Саемот на книга ќе биде отворено денеска на пладне во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. На отворањето ќе се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Повеќе од 65 издавачи и 110 промоции ќе има на ова издание на саемот, што ќе се реализира под слоганот „Храна за душа“. Во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да бидат дел од промоциите на нови дела и подобро да се запознаат со издавачите и насловите претставени во рамки на Саемот.
Од утре саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, освен на последниот ден, кога ќе биде отворен до 18 часот. Посетителите на Саемот ќе добијат можност да се запознаат со македонски и странски автори, да ја разгледаат богатата понуда на книги, енциклопедии, збирки и прирачници, како и да слушнат нешто повеќе за актуелната состојба на пишаниот збор преку панел-дискусиите со значајни имиња од оваа област.
Годинава национално претставување ќе има Србија преку нивното Министерство за култура на Србија, а ќе се претстави и „Гете институтот“ во соработка со Амбасадата на Германија. Викендот на 10 и 11 мај е предвидена богата програма со маскоти, едукативни и креативни работилници, забава и многу други активности кои ќе им ги отворат видиците на најмладите.
Цените на влезниците се исти како и минатата година: редовна влезница – 100 денари, влезница за организирани посети на ученици – 50 денари/по ученик, влезница за три посети на саемот – 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител. Со секоја купена влезница Саемот на книга ќе донира 15 денари на СОС детското село.
Повеќе за сите промоции на саемот, на следниот ЛИНК.





