Замина во легендите музичкиот автор и продуцент Тоше Поп-Симонов

Денеска почина познатиот музички автор и продуцент Тоше Поп Симонов, во својата 63-та година. Во својата плодна кариера соработуваше со бројни македонски, но и регионални изведувачи меѓу кои се и Тоше Проески, Дарио, Верица Пандиловска, „Фрајле“ и Алка Вуица. Тој остави неизбришлива трага кога во прашање е македонската музика, а твореше од далечната 1980 година.

Тоше Поп-Симонов е човек кој допре, заигра и стопли милиони срца, денеска неговото не издржа. Погребот ќе се одржи во вторник на 22 април 2025 на градските гробишта во Бутел. Сите кои сакаат да оддадат почит, ќе може да го сторат тоа во капелата во Бутел од 11:30 часот.

Во раните 1980-ти, Поп-Симонов бил член на групата „Пост Скриптум“, од која подоцна произлегол култниот бенд „Бастион“, каде што свирел гитара заедно со Кирил Џајковски. Во 1991 година, тој бил продуцент и композитор на албумот „Бубачки и градски ѕверки“ на Ена Веко, за кој ги напишал и продуцирал повеќето песни. Поп-Симонов исто така соработувал со Јаков Дренковски на албумот „C’est la vie“ (1991), каде што бил електричен гитарист и тонски инженер. Познат е и по својата работа како тонски инженер и продуцент, вклучително и во студиото „Јатаган“ во Скопје.

Во поново време, Поп-Симонов работел на песната „Знам дека сто посто те знам“ на Бени и Нон Стоп, објавена во октомври 2024 година, каде што бил одговорен за музиката, текстот, аранжманот и продукцијата. Една од значајните соработки на Поп-Симонов е со хрватската пејачка Алка Вуица. Во 2024 година, тој го аранжирал, миксирал и мастеризирал нејзиниот сингл „Не мислим више на тебе“. Песната е компонирана од Марија Мирковиќ, а текстот е напишан од Алка Вуица. Оваа соработка се случила спонтано, кога Марија и нејзината менаџерка Лидија Самарџија биле во Скопје и му ја претставиле песната на Поп-Симонов.

Тоше Поп-Симонов има придонес и во филмската музика, како што е неговата работа на филмот „Пред дождот“ (1994), каде што бил дел од музичкиот оддел, додека аранжманот на оригиналната верзија е на Тоше Поп-Симонов, кој со гајдите, тапаните и машкиот хор обликува еден национал продукт кој е лесно препознатлив меѓу народот, и тоа е една од причините песната да, покрај текстот и музиката, биде прифатена од сите генерации.

Сподели