Култниот унгарски режисер и еден од највлијателните европски филмски режисери од неговата генерација, Бела Тар, почина вчера во Будимпешта, по долго боледување, на 70 години. Специфичниот филмски автор, кој беше препознатлив по темните, филозофски дела, ги создаде „Проклетството“, „Сатантанго“, „Торинскиот коњ“.
„Жалиме за загубата на извонреден режисер и личност со силен политички глас, кој не само што беше длабоко почитуван од неговите колеги, туку и славен од публиката ширум светот“, објави Европската филмска академија, чиј член беше Тар.

Тар беше основач на движењето познато како „бавен филм“, кое се карактеризира со црно-бела естетика, екстремно долги, непрекинати кадри, минимален дијалог и отфрлање на традиционалниот наративен заплет. Неговите филмови честопати нудеа мрачен, но длабоко човечки приказ на секојдневниот живот во Источна Европа.
Ова можеби најдобро е отелотворено во неговиот монументален филм од 1994 година „Сатантанго“, седум и полчасовен приказ за борбите на жителите на едно мало унгарско село по падот на комунизмот. И покрај својата должина, филмот стана едно од критички најпофалените дела на Тар и редовно се појавува на листите на најдобри филмови на сите времиња.
Роден во Печух на 21 јули 1955 година, Тар имал неколку помали телевизиски улоги како дете пред да почне да снима аматерски филмови на 16-годишна возраст. Неговиот талент наскоро бил препознаен од студиото „Бела Балаж“, кое му помогнало да го финансира неговиот дебитантски филм, „Семејното гнездо“, во 1979 година.
По дипломирањето на Академијата за театар и филм во Будимпешта во 1982 година, тој го основал филмското студио „Тарсулас“, кое било затворено од политички причини во 1985 година поради отворено анархистичките верувања на Тар. Во овој период, тој ги направил „Аутсајдерот“ (1981), „Луѓето од предградието“ (1982) и „Есенскиот алманах“ (1984).
Неговиот петти филм, „Проклетството“ (1988), драма за депресивен човек вљубен во оженет пејач, се смета за прв унгарски независен филм. Премиерата му беше на Берлинскиот филмски фестивал и го претстави препознатливиот стил на Тар на контролирано движење на камерата на светот, носејќи му широко признание.
По шестгодишна пауза, следеше „Сатантанго“, а во 2000 година, премиерата ја имаше едно од неговите најценети дела, „Веркмајстер хармонии“. Филмот, кој го режираше заедно со неговата сопруга и монтажерка Агнес Храницки, се состои од само 39 кадри и трае речиси два и пол часа.

Сцена од „Торинскиот коњ“
Неговиот филм од 2007 година „Човекот од Лондон“, во кој глуми Тилда Свинтон, премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал со претежно позитивни критики. Во 2011 година, Тар и Храницки го претставија „Торинскиот коњ“, филм за настанот што наводно предизвикал ментален слом кај Фридрих Ниче. Филмот ја освои Големата награда на жирито на Берлиналето, а Тар во тоа време објави дека тоа ќе биде неговиот последен филм.
По пензионирањето од режија, Тар го посвети својот живот на подучување млади филмски режисери. Во 2012 година, тој го основа училиштето Film.Factory во Сараево, каде што беше професор и програмски директор до 2016 година. Како гости-професори, тој донесе светски познати имиња како Тилда Свинтон, Гус ван Сант, Жулиет Бинош и Апицатпонг Вирасетакул.
Тар е толкуван како човек со песимистички поглед на човештвото; ликовите во неговите дела се често цинични и имаат бурни односи едни со други на начини што критичарите ги сметаат за мрачно комични.
Насловна фотографија: Јутјуб/принтскрин





