Замина „Дадата“, великанот на македонската скулптура, мајстор за првокласен кадаиф

Во чест и спомен на големиот Дада, пренесуваме репортажа од неговиот дом во скопската населба Сарај, направена пред Велигден во 2008 година

Секогаш им велев на студентите, работете во мермер. Бронзата секогаш можеш да ја стопиш, ама мермерот останува. Ем поевтин е. Ама не ме слушаа, рече Драган Попоски-Дада во 2018 година на отворањето на неговата последна изложба во Даут-пашиниот амам.

Денеска замина великанот на современата макеоднска скултура. Имаше 88 години. Роден е во Прилеп во 1933 година. Академија за ликовни уметности и постдипломски студии завршил во Белград, а бил долгогодишен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Во чест и спомен на големиот Дада, пренесуваме репортажа од неговиот дом во скопската населба Сарај, направена пред Велигден во 2008 година, објавена во дневниот весник „Дневник“. За жал, фотографиите се недостапни.

Празник на добра волја и славење на човекољубието

Домот на вајарот Драган Попоски-Дада, еден од основополжниците на современата македонска скулптура, по ништо не асоцира на класична куќа, каде двајца пензионери мирно пловат низ животот. Ателјето, изградено во уметничката колонија во скопската населба Сарај, наликува на работилница каде се делка мермерот, на галерија полна со изложени скулптури, на кабинет по англиска книжевност.

Драган Попоски-Дада

Уште на влезот во тесната уличка се слуша лаењето на волчјакот. Му се придружуваат соседите-волчјаци од дворот на соседното ателје. Вратата се отвора и на улицата полека излагува „Дадата“. Зад него, насмеана, неговата сопруга Иванка Ковилоска-Попоска, професорка по англиска книжевност која со години била раководителка на катедрата за англиски јазик на Филолошкиот факултет. Љубезно ми вели:

– Дојди, сигурно сакаш да читаш. Ти се допаѓа Шекспир? – ме прашува и ми подарува две книги, преведени на македонски јазик.

Скулптури на сите страни… Погледот ми го привлекува компјутерот и скенерот до него. Прашувам дали имаат интернет. Ми вели:

– Се разбира! Не можам животот да си го замислам без интернет!

Подоцна ми стана јасно и зошто.

Прашувам како го прослувавуваат празникот Велигден. Малку се двоуми. Сигурно си вели: „Зошто сега јас, професор по англиски, да зборувам за Велигден?“

Повторно прашувам: Дали Ви буди спомени од детството?

Спомени од детството

– Во детството Велигден ми беше и мене и на двете мои постари сестри, а и на сите наши маалски другарки и на роднините, најсаканиот годишен празник. За него мајка ми правеше специјални слатки за нас и гостите, со тенко тесто од ореви и брашно, одозгора премачкано со слој од густо изматени белки и зашеќерен премаз. Тоа ми беа највкусните слатки што воопшто сум ги јадела во животот. Чекавме да ги каснеме на самиот ден Велигден. Тогаш веќе беа готови и вапцаните јајца – големата радост за нас децата, зашто одевме кај роднините и блиските пријатели да им го честиме празникот и да си одбереме јајца за нашите специјално везени торбиња за збирање на јајцата. Се враќавме дома, ги кршевме јајцата со другарките и сестри ми и од нив правеа салатата со пресен кромид. Бидејќи татко ми умре во моето рано детство, збирањето јајца за мене заврши кога имав шест години. На посети се одеше со татковците, а мајките остануваа дома да ги чекаат нашите гости – се присетува таа.

Големата радост на празникот се гледал и во нивните домови. И тие биле празнично „облечени“, со празнични ткаени килими, нови пердиња и патеки по скалите.

– Се светеше свежо, здраво и пролетно. Откога пораснав се сметам за агностик. Ја немам верата во која бев воспитана. Но, Велигден го славам како секогаш. Тој е за мене празник на добра воља и славење на човекољубието и на жртвите што Исус Христос и неговите следбеници и верници ги поднесле за да го подобрат животот на човечкиот род – вели таа.

Патоказ за себеиспитување

Двајцата се многу тажни зашто не можат да го соберат целото семејство за Велигден. Нивниот син со години живее во САД.

– Но, на тој ден, и следните, го чекаме семејството на нашата ќерка, зетот и внучињата да ни дојдат да ни го честаат празникот и да си земат велгденски јајца што секогаш ги подготваме. Со синот си разменуваме честитки и обавезно се слушаме преку Скајп – вели таа.

Ми станува јасно зошто интернетот ѝ е толку важен во животот.

Прашувам дали религиозните теми биле инспирација за творештвото на нејзиниот сопруг.

– Иако е попски внук Дадата малку се занимавал со религиозни теми, но многу ги обработувал нашите просветители Кирил и Методиј, и Климент. Во ателјево гледам еден многу импресивен женски ангел и една стилизирана мермерна скулптура на светец. Би рекла дека потсвесно или свесно тој спеак се занимава со религиозни теми – вели таа.

За време на празниците го „светнуваат“ ателјето, вапсуваат јајца, прават слатки и им го честитаат празникот на сите што го слават.

– Но, моите слатки не се толку убави како тие на мајка ми! Дадата прави првокласен кадиф! – вели таа.

Разговараме малку за Велигденските пости и дали овој обичај може да облагороди некоја личност…

– Секое одрекување од нормалното јадење може да го прочисти и да го облагороди човекот. Но, поважно да се има на ум прочистувањето на мислите и душата, а тоа се постигнува со критички осврт врз личните постапки. При тоа треба да се имаат на ум Десетте божји заповеди, како патоказ за себеиспитување. Лично сметам дека Божјите заповеди ги смислиле луѓето и ги издигнале на божја рамнина за да им ја дадат хуманитарната сила што ја заслужуваат.

„Дадата“, пак, вели:

– За многу години и дојдете ни на јајца и на кадаиф!

Фото: Национална галерија на Македонија

Сподели