На само неколку дена пред одбележувањето на седумгодишнината од влегувањето на орото „Копачката“ на светската листа на нематеријално наследство на УНЕСКО, почина Димитар Узунски, најзаслужниот што овој обичај стана дел од светското наследство. Имаше 83 години. Беше фолкорист, архивист, собирач на етнолошки и архивски материјали, 50 години претседател на Фолклорната група „Копачка“ од пијанчекото село Драмче.

– Неговиот дух ќе остане вечно да живее во неговите дела кои ќе сведочат за неговиот живот во кој се даде себеси со несебично, крајно одговорно, со целосна посветеност во негувањето, трансмисијата и одржливоста на пијанечкиот фолклор, а пред сè на орото „Копачката“. Со негова заслуга, „Копачката“ во 2014 година беше прогласена за национално културно наследство со особено значење и беше впишано во УНЕСКО – напиша Перса Стојановска, промоторка на фолклорната група.

Од настап ФГ „Копачка“ од село Драмче по впишувањето на листата на УНЕСКО

Узунски е роден цо 1938 година во село Тработивиште, општина Делчево. Завршил Педагошка академија група музичко воспитување во Скопје. Повеќе од 50 години ја раководел Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче и со неа има бројни настапи во земјата и странство како пејач, организатор, инструменталист и игроорец. Бил надворешен соработник на Институтот за фолклор на Р. Македонија и до длабока старост се занимавал со собирачка активност. Учествувал во многу телевизиски емисии, а за Радио Скопје снимил 40 изворни пијанечки народни песни. За програмата на РТ Делчево, за 12 години подготвил повеќе од 400 емисии, објавил три монографии: „Разловци“, „Дедо Митко – ороводецот на Копачката“ и „Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО – мојот живот со Копачката“. За својата дејност добил многу награди и признанија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.