Замина актерот Трајче Иваноски, доајен на театарот во Прилеп

Доајенот на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, Трајче Иваноски, почина вчера на 76 годишна возраст. Во негова чест денеска се одржа комеморација во театарот каде што тој го помина работниот век.

Трајче Иваноски е роден на 11 март 1945 година во Прилеп. Тој е актер кој спаѓаше во најангажираните творци на прилепскиот театар. Заиграл во далечната 1965 година, а во пензија замина во 2007 година. Со оглед дека и за пензионерските денови активно учествуваше во тековниот репертоар на театарот, Иваноски бележеше приближно 300 одиграни претстави. Како што ќе запишат критичарите во неговиот богат и плоден театарски опус влегуваат поголем број на сложени и стожерни (главни) актерски ролји реализирани во дела како од домашниот репертоар, светска драмска класика, така и од современата драматургија. Бројката на неговите главни ролји е голема, а за дел од нив има добиено и престижни награди.

Иваноски играше и во „Глембаеви“ на Брезовец (2019)

Негови драги, главни и забележани ролји се: ликот на Протасов во пиесата „Деца на сонцето“ Креонт во „Антигона„ Агатон во „Нажалена фамилија“ Аџи Трајко во „Бегалка“ Горчин во „Скок преку кожа“ потоа Златан во „Робот и Агата“ Евросим во „Црноборје“ Шандебиз во „Мушички во главата“ Борис поп Стафанов во „Мацедонише Цуштенде“од Јордан Плевнеш, Букара во „Хамлет од Мрдуша“, Големанов во истоимената претставата „Големанов“. Неговата драга улога на Аџи Јанкула во комедијата „Солунски патрдии“ на Миле Попоски. Рампо Рајатоски во претставата „Не сега драга најдобро е попладне“, а со оваа улога влегол како гостин актер во драмски театар во истоимената претстава.

Гостин актер бил и во Народниот театар од Битола.

Како куриозитет може да се забележи дека во првата претстава со која за првпат е отворена сцената на домот на културата „Марко Цепенков“ е со претставата „Коштана“ во режија на Петре Прличко. Во оваа претстава Прличко ја толкувал и главната улога на ликот Митке, а како алтернација бил токму Иваноски.

Од прилепскиот театар велат дека играл до последно, во претставите „Лажговци“, „Глембаеви“ , во приватниот театарски проект дуодрамата „Мендо и Мајло“. Учествувал и играл во голем број на ТВ драми, ТВ серии меѓу кои е детската серија„ Втора смена“ „Волшебното самарче“,„Итар Пејо“ како и ТВ серијата „Солунски патрдии“, но и повеќе радиодрамски остварувања. Посебно го негуваше рецитирањето.

На фестивалот „Војдан Чернодрински“ ги освоил следниве награди: за млад актер во улогата на Златан во претставата „Робот и Агата“, за најдобра машка главна улога за ликот на Горчин во претставата „Скок преку кожа“ во режија на Бранко Гапо, главна машка улога за ликот Протасов во „Деца на сонцето“ во режија на Илија Милчин, како и наградата за животно дело во 2011 година.

Трајче Иваноски

Во 2003 година на меѓународниот фестивал на комедија во Корча, Албанија ја добива главната награда за најдобро актерско остварување за улогата на професор Павлович во претставата „Собирен Центар“ , а на истиот фестивал во 2016 година ја доби наградата за монодрамата „Јас Илија Шаторот“.

– Како искусен актер Трајче Иваноски се притајува во одделни сцени за да блесне одеднаш во фуриозно темпо и гест искажувајќи ги длабоките потреси кои се случуваат во неговата душа при што измамува аплауз на отворена сцена …го одигрува со актерска виртуозност и речиси беспрекорно – напиша критичарот Тодор Кузманов, за претставата „Залив“ во неговата книга „Театарски минијатури“.

– Скоро сите ликови во претставата „Скок преку кожа“ се остварени со автентичност, силна животна сугестивност, артистичка креативност која воодушевува. Такво е остварувањето на Трајче Иваноски во ликот на Горчин… – ќе напише Петре Бакески далечната 1981 во „Вечер“ по повод премиераа „Скок преку кожа“…

– Остварувањето на Трајче Иваноски во претставата „Залив“ влегува во редот на неговите најуспешни актерски дострели заедно со оние во „Робот и агата“ „Деца на сонцето“, „Скок преку кожа“ – Иван Иваноски,  театарски критичар во „Пулс“ 23.03.1996)

 

Сподели