Замина академик Бојан Шоптрајанов

Почина академик Бојан Шоптрајанов, редовен професор (во пензија) на Институот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1996 година. Имаше 87 години. Семејството, соработниците, неговите ученици денеска се простуваат од големиот човек и порачуваат своите енормни знаења да ги шири во некои други светови.

Бојан Шоптрајанов е роден на 26 јануари 1937 година во Чачак. Со основно и средно образование се здобил во Скопје, Велес и Белград. Во 1955 година се запишал на групата за хемија на тогашниот Природно-математички оддел на Филозофскиот факултет во Скопје, пишува во неговата биографија објавена во МАНУ.

Студиите по хемија ги завршил во 1960 година на ПМФ во Скопје како најдобар дипломиран студент од својата генерација на Универзитетот. По дипломирањето е избран за асистент на тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1962 година за асистент на Природно-математичкиот факултет.

Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Indiana University во Блумингтон, САД, а во 1965 година магистрирал одбранувајќи ја магистерската теза под наслов: Vibrational Assignment of the Infrared Spectra of 1,2,5-Thiadiazole. По враќањето од САД продолжува да работи на полето на инфрацрвената спектроскопија и во 1973 година ја одбранува докторската дисертација под наслов Спектроскопско испитување на кристалохидрати со посебен осврт на спектарот на водата; системи со мошне ниски НОН-фреквенции.

Во 1969 година е избран за доцент, во 1975 година за вонреден професор а во 1981 година за редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Одржувал настава на додипломски и постдипломски студии по повеќе предмети од објаста на физичката хемија, радиохемијата, историјата и методиката на хемијата. Бил продекан за настава и наука на Хемискиот факултет и проректор за настава и наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Бил национален претставник во организацијата COST, претставник на МАНУ во Allea, а имал и други слични функции. Соработувал со универзитети во Шведска, Германија, Украина, Руската федерација, Бугарија, Хрватска и други, како и со Бугарската академија на науките.

Шоптрајанов објавил повеќе од 230 научни труда (од кои две третини надвор од Македонија), а на научни манифестации презентирал повеќе од 350 пленарни и секциски предавања и други соопштенија (близу половината надвор од нашата земја). Има објавено и три монографии со научно-стручен карактер, пет монографски изданија со системски карактер, а автор е и на четири универзитетски учебници и помагала, како и на неколку десетини учебници и учебни помагала за средното образование.

Неговите позначајни научни трудови се однесуваат на спектроскопското изучување на кристалохидрати, како и на спектроскопските и термодинамичките својства на петчлените хетероциклични молекули. Дал придонес и во изучувањето на минерали и на проблеми од образованието по хемија, а објавил и десетина трудови посветени на јазични проблеми од областа на хемијата. Дел од резултатите на истражувањата имаат и конкретна примена, особено во медицината.

За дописен член на МАНУ е избран на 21 април 1994, a за редовен член на 20 јуни 1996 година. Бил потпретседател на МАНУ (2008–2011), раководител на Одделението за математичко-технички науки (2003–2007) и раководител на Истражувачкиот центар за животна средина и материјали (2014 –). Во 2008 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург, Австрија.

Шоптрајанов е основоположник и прв главен уредник на списанието „Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија“. Бил претседател на Унијата на хемиските друштва на Југославија и на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Со Одлука донесена во февруари 2016 година е именуван за член на Националниот комитет за проучување на Југоисточна Европа.

За својата целокупна активност на полето на развојот на научната и наставната дејност, акад. Шоптрајанов добил голем број награди, меѓу кои „Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда“, „Плакета на Универзитетот Кирил и Методиј” (двапати), „Томазиусов медал“ на Универзитетот во Хале, „Македонскиот крст“ на МПЦ и др. Добитник е и на националната награда „11 Октомври“.

Сподели