Законски измени и повеќе пари за талентираните ученици ветија Јаневска и Сиљановска-Давкова

Законски измени за поголема поддршка и повеќе пари за талентираните ученици најавија министерската за образование и наука Весна Јаневска и претседателката Гордана Сиљановска- Давкова на вчерашната средба со македонските ученици кои годинава освоија награди и признанија на престижни меѓународни натпревари и со нивните ментори. Тие ветија дека државата ќе обезбеди поголема грижа за талентираните ученици и финансиската поддршка за учество на меѓународни научни олимпијади и натпревари нема да биде доведувана во прашање.

Годинава 50-тина македонски ученици учествуваа на врвни светски ученички натпреварувања и освоија вкупно 16 медали – 4 златни, 2 сребрени и 10 бронзени и повеќе пофалници.

Ветувањето доаѓа откако најголем дел од учениците и менторите годинава сами ги поднесоа трошоците за котизации и скапи авионски билети до далечни земји. Нештата малку ги олесни повикот за донации на кој се одзваа компании, групи и поединци. Проблемот е што Министерството за образование и наука доделува акредитации на научните здруженија да ги организираат домашните и меѓународните натпревари, но Законот за средно образование не дозволува финансиска поддршка, туку само доделување на стипендии доколку е освоено едно од првите три места. Поради изборите и системските трансформации во изминатите мецеси учениците и водачите не ја добија и досегашната поддршка од Агенцијата за млади и спорт која им рефундираше дел од парите по завршувањето на натпреварите. Годинава изостана и поддршката од ТИРЗ.

Јаневска и Сиљановска-Давкова ветија дека ќе донесат трајно системско решение за соодветна поддршка на нашите најуспешни и најталентирани ученици и нивните учества на меѓународни натпреварувања и ќе се заложат тие да можат да се развиваат во Македонија.

На вчерашната средба беа и менторите од здруженијата што ги организираат натпреварите: Сојузот на математичари на Македонија (СММ), Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ), Македонското билошко друштво (МБД), Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), Македонското географско друштво.

Сподели