Закажан втор концерт на Бојаџиев, Роџевски и Лумановски, првиот распродаден

Втор концерт на 17 февруари (19.30 часот) е закажан на музичките уметници Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски. Нивниот прв концерт закажан за ден претходно беше распродаден за само неколку дена. Влезниците за вториот концерт се веќе достапни во продажба, а деталите за продажните места и онлајн купувањето се објавени на сајтот на МкТикетс.

Бојаџиев, Роџевски и Лумановски, по девет години пауза, повторно ќе настапат заедно на сцената на македонската Филхармонија. На програмата ќе бидат авторски композиции и преработки на македонска изворна музика, во едно ново уникатно издание, со интимен карактер и модерна аранжманска структура и изведба.

Извонредниот талент на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски одамна ја има својата потврда на светската сцена, а нивните имиња се запишани и зад едни од најраскошните, маестрални концертни доживувања кај нас. Покрај меѓународниот успех и соработки, како музички уметници и автори, нив ги поврзува безвременоста на музиката која ја создаваат со фантастичен сензибилитет и оригиналноста во нивните беспрекорни изведби.

Илјадници луѓе ширум светот кои веќе имале прилика да присуствуваат на нивните секогаш распродадени концерти можат да го потврдат фактот дека станува збор за настапи кои се единствени по својата природа, виртуозност и квалитет.

 

Сподели