Загрозениот Балкански рис вметнат во Бонската конвенција – Македонија и Албанија ќе го штитат од изумирање

Преостанати се помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис. Распространувањето му е расцепкано низ Македонија, Албанија и Косово

Евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис се најдоа на списокот на преселни видови во Бонската конвенција, на конференцијата што се одржува во Самарканд, Узбекистан. На конференцијата присуствува Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД) кој го образложи поднесокот за вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција.

– Со поддршката на владите на Македонија и Албанија сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација – вели Меловски.

Диме Меловски на обраќањето

Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската. Со овој чин двете земји недвосмислено се заложуваат да ја заштитат оваа ретка мачка.

– Преостанати се помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис. Распространувањето му е расцепкано низ Македонија, Албанија и Косово. Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот – МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија – спроведоа кампања за овој важен исчекор во заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана – велат од МЕД.

Со вклучувањето на балканскиот рис на Бонската конвенција, владите од земјите се заложуваат да создадат најдобри можни услови за зачувување на балканскиот рис. Тоа подразбира и развој на регионална стратегија за заштита на загрозениот подвид и нејзино преточување во национални акциски планови. Со ова ќе се овозможат прекугранични заштитарски активности, како што е мониторинг на балканскиот рис. Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација „Еуронатур“ вели дека будно ќе следат дали се спроведува ветеното.

Конвенцијата за заштита на миграторни видови диви животни (Бонска конвенција), како договор на Обединетите нации обезбедува глобална платформа за заштита на преселните животни и нивните живеалишта. Видовите на кои им се заканува истребување се вклучени на Прилог 1 од Конвенцијата. Земјите низ кои прекугранично се движат миграторните видови ќе настојуваат да ги зачуваат овие животни, да ги зачувуваат и обновуваат нивните живеалишта, да ги отстрануваат пречките за нивната миграција и да ги контролираат факторите што го загрозуваат видот. Покрај обврските што ги презема секоја земја потписничка на Конвенцијата, овој договор промовира и заедничко дејствување помеѓу земјите на опфат на видот.

Поднесокот за вклучување на рисот кон Бонската конвенција ги опфати евроазискиот рис (Прилог 2), и еден негов подвид, балканскиот рис (Прилог 1). Освен Македонија и Албанија, Босна и Херцеговина и Узбекистан беа копредлагачи за вклучување на балканскиот рис кон списокот на миграторни видови.

Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) претставува подвид на евроазискиот рис (Lynx lynx). Нешто помалку од 50 возрасни единки талкаат низ планинските шуми на Јужен Балкан. Балканскиот рис се соочува со недостиг на поволни и поврзани живеалишта поради прекумерната експлоатација на шумите. Ова резултира и со намалена достапност на пленот. Дополнителна отежнителна околност е криволовот на веќе намалената дива популација на пленот. Згора на тоа, и самиот рис е жртва на криволов поради ловот на трофеи или погрешната перцепција дека убива стока. Сите партнерски организации од Програмата за закрепнување на балканскиот рис (Еуронатур од Германија, КОРА од Швајцарија, МЕД од Македонија, ППНЕА од Албанија и ЕРА од Косово) се залагаат да ги прошират и споделат сознанијата за рисот, да остварат ефективна заштита на оваа таинствена мачка и да ги зачуваат нејзините живеалишта.

Сподели