Заедно против рудникот на смртта! Денес во 11 часот протест во Струмица!

Протестна блокада со која ќе се покаже револт против спојувањето на концесиите за рудниците Иловица-Штука, ќе се одржи денеска од 11 часот кај централната крстосница  во Струмица, кај „Глобал“.  Животот на Струмичката котлина зависи од тебе е мотото на општонародниот протест на кој најавени се да учествуваат еколошки, граѓански здруженија, но и поединци за поддршка.

– Криминоген чин и демонстрација на самоволие – вака ја оценуваат активистите против рудници одлуката на Владата да ги спои концесиите на „Еуромакс“ за рудникот Иловица. Почитувани жители на Македонија, соборци, сограѓани, без разлика на пол, вера, социјален статус, политичка и каква било друга определба, на Струмичката Котлина ѝ се заканува грозоморно убиство! Со последниот потег на корумпираните судови и Владата, рударските корпорации се на чекор да го отворат геноцидниот и екоцидниот проект рудникот „Иловица-Штука“! После алармантната вест за спојувањето на концесиите, реакциите на здраво-разумните луѓе не стивнуваат! Нивниот и нашиот став е кристално јасен – ќе се бориме до крај, рудник нема да има! – вели организаторот „Зелена котлина“.

илустрација: Ване Костуранов

Сподели