Заедничка борба против нелегалната трговија со културно наследство

Само со структурна и трајна соработка во борбата против нелегалната трговија со културни добра се спречуваат криминалните активности не само врз културното наследство туку и врз идентитетите на заедниците и државите во целина, рече Синиша Шешум од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа на отворањето на настанот посветен на борбата против недозволената трговија со културното наследство во Западен Балкан што се одржува во Скопје.

Пред присутните претставници од УНЕСКО, професори, експерти и предавачи од меѓународни и од домашни организации и институции се обраи и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој рече дека заштитата и зачувувањето на културните добра на нашата земја се врвен приоритет на Владата. Тој нагласи дека недозволената трговија со културни добра е глобален проблем кој бара глобален одговор.

– Неопходно е сите земји од регионот заеднички, со сите расположливи капацитети да се обединиме и да соработуваме во активностите за спротивставување и враќање на украдените и нелегално изнесени предмети – рече Љутков.

Тој потсети на соработката со Албанија кога по 10 години беше реализирано враќањето на 20 икони од македонските цркви и манастири, илегално изнесени од земјава.

– Ова е одлична можност да се разговара за различните аспекти на борбата против недозволената трговија со културното наследство, да се разгледаат правните рамки и регулативи што ги имаат нашите земји, да се разменат искуства и најдобри практики, со акцент на важноста на меѓународната соработка, на улогата на технологијата, како и на подигнувањето на јавната свест за вредноста на културното наследство и за штетата што ја предизвикува недозволената трговија – рече Љутков.

Според него, треба уште многу да се работи на зајакнувањето на законодавната рамка и на поефективна координација меѓу државните институции, локалните заедници и меѓународните партнери и на подобри алатки за идентификација, следење и враќање на културните добра.

Матео Росати од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа рече дека настанот може да послужи и како платформа за зацврстување на дијалогот и на соработката во Европа и е одлична можност заедно да учиме и да работиме за да станеме подобри чувари на нашето културно наследство. На петдневниот настан, своите знаења и искуства со учесниците ќе ги споделат предавачи и обучувачи од: УНЕСКО, Европската комисија, УНИДРОИТ (UNIDROIT), Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC), Светската организација за царина (WCO), Меѓународниот совет на музеите (ICOM), INTERPOL, EUROPOL, EUROJUST и Советот на Европа, како и од специјализираните полициски сили и други агенции, вклучувајќи ја и Kомандата на карабинерите за заштита на културните добра (Италија), Главната канцеларија за борба против нелегалната трговија со културните добра – OCBC (Франција), Турската национална полиција, Guardia Civil и Шпанското обвинителство.

Насловна фотографија: Архива

Сподели