Мултимедијалниот уметник Иван Ивановски во моментот е актуелен со изложбата „Човек во размер“ што ја реализира со архитектот Максим Наумовски во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Наскоро заминува во Кина каде ќе има самостојна изложба
Преку редефинирање на поединецот во функција на колективот, на човекот во функција на градот или обратно, неговиот слоевит уметнички интерес постојано се вртка околу личноста, поточно околу колективниот на кој таа припаѓа. Тоа е очигледно и преку неговиот академски интерес за уметностите и за општествените културолошки појави. Од студирањето вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, преку Академијата за филмска режија на ФАМУ во Чешка, до културолошки постдипломски студии на Институтот за македонски јазик, повторно во Скопје. Ако делата зборуваат за авторот, преку неговите дела се гледа неговиот широк и мултимедијален однос кон културата и општеството воопшто.

„Човек во размер“
Иван Ивановски во моментот е актуелен со изложбата „Човек во размер“ што ја реализира со архитектот Максим Наумовски, докторанд на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Заедно го анализираат урбаниот развој на Скопје, кој „мора да произлегува од сопствениот дух и топографија, наместо од брзо и некритичко прифаќање на униформни урбанистички решенија што ја бришат локалната меморија и човечката мера.“ Летово Ивановски ја реализираше изложбата „Кластер“ во Културно-информативниот центар во Скопје и наскоро се подготвува за изложба во Кина.
„Кластер“ летово обедини слики, скулптури и цртежи. Насловот на изложбата пред неполни пет години беше неизбежен во нашето секојдневие. Се појавуваа кластери, бегавме од нив, се обидувавме да се самозаштитиме … Колку секојдневието е инспирација за Вашето творештво како ликовен уметник?
– „Кластер“ тематски ги истражува начините на кои поединецот се втопува во колективот и како повторно се појавува, но не како „јас“, туку како „ние“. Во ликовниот израз евидентно е отсуството на детали и специфики, фигурата се претвори во силуета – симбол кој претставува парадокс: присуство и отсуство. Од анонимен, занемарен, избришан или функционален и интегриран ентитет. Силуетата е симбол на секого, а со тоа, ја истакнува тенката линија помеѓу личниот и колективниот идентитет. Во основа, „Кластер“ го разгледува феноменот на губењето на субјективноста во услови на масовно искуство, телесна густина и просторна зависност.

Од отворањето на „Кластер“ / Фото: Александра Ацеска
Неминовно за еден автор е да рефлектира што се случува околу него. Терминот „Кластер“ го користам во повеќеслојна смисла: како форма на групирање без центар, како модел на акумулација на тела или информации и како состојба на психолошка кохезија од што произлегува посебен независен ентитет со своја волја и свест. Случајот „Ковид“ може да се гледа и во контекст на другите социјални експерименти како: Милграм (Milgram), Стенфорд присон експеримент (Stanford Prison Experiment), или пак Аркам асалум (Arkham Asylum)
Од вајарство на ФЛУ, преку режија на ФАМУ до постдипломски културолошки студии на Институтот за македонска литература во моментот. Во која точка се поврзуваат сиве овие разнолики интереси во културата?
– ФЛУ беше влез во светот на уметноста, усовршував техника на изработка на скулптура, цртеж, подоцна пројавив интерес за анимација и дипломирав со колекција на кратки видеа – филмови кои беа во техника стоп анимација на глина и објекти. ФАМУ ми даде поширока слика, работа во тим, го запознав процесот на продукција и разните аспекти на филмот.

На ИМЛ повеќе фокус ставам на социјално-економскиот и историскиот контекст во кој егзистира културата. На сите овие институции имав и сè уште имам прилика да соработувам со исклучителни професионалци и сето искуство се рефлектира во мојата изградба како автор и човек.
Како во неколку реченици би ја искоментирале културната сцена денес во Македонија? Живее или живурка? Зошто?
– Изненадувачки, имаме автентичен израз во сите медиуми, оној кој ги следи настаните, ќе налета на фантастични изложби, концерти, проекции… Сцената во Скопје и Македонија е солидна, но во голем дел е резултат на пркос и ентузијазам.

„Луѓе птици“ / Фото: Митко Пероски
Кои се најголемите препреки со кои се соочувате како автор денес? Како се живее од уметност и култура во Македонија?
– Постојат многу проблеми кои нè засегаат сите кој работиме во културната сфера, а нив не можеме да го решиме индивидуално. Ни требаат структурни промени, стратегија на рок подолг од четири години, институции кои ќе создаваат програма и континуирана продукција, можност за спонзорства и влез на приватен капитал, механизми кои ќе ги ослободат авторите од непотребни административни процеси и трошоци… Со други зборови, мораме заеднички да создадеме инфраструктура која ќе помогне во развој на културната сцена, која ќе придонесе да се искористи потенцијалот што го имаме.

Од изложбата „Еден од нас“ во Музејот „Лигннан“ во Кина / Иван Ивановски (лево)
На што работите во моментот, каде Ви е фокусот на интерес?
Во продукција сум на „Системски преглед“, краток анимиран филм составен од апсурдни бирократски ситуации кој треба да биде готов на почетокот на 2026 година. „Несекојдневно секојдневие“ е проект кој се надевам следната година ќе биде во процес на продукција, тоа е анимиран серијал кој е пред сè наменет за деца во претшколска возраст. Заедно со архитектот Максим Наумоски ја отворивме изложбата „Човек во размер“ каде мапираме, реобмислуваме јавни простори и правиме обид да ги реинтегрираме во градот која е во тек во КСП „Центар-Јадро“.

Исто така, ја спремам изложбата In Between, која ќе биде отворена на 8 ноември во Гуанџоу, Кина, овој пат во импресивниот музеј „Сан Та“. Ќе се претставам дела работени во периодот додека бев во Кина на почетокот на годината, серијалот „Кластер“ и колекција од постари дела.





