Зa ѕидовите кои останаа без уши. Во спомен на Чарлс Симиќ

Пишува: Трајче Кацаров

Пред некој ден ја прочитав песната на Чарлс Симиќ, „Империи“. Во неа, баба му го претскажува крајот на империите на будалетинките. Воедно му се заканува: „Немој да си зуцнал за ова пред некого.“ Тоа му доаѓа – за некои работи, како на пример „Во царот Трајан козји уши“ не треба да се зборува надвор од дома т.е., надвор од дупката.

Бабата на поетот ме потсети на мојата мајка. Кутрата, секогаш кога гласно ќе изартикулирав забелешка за моралниот раст на некои од политичарите, ќе подвикнеше: „Внимавај и ѕидовите имаат уши!“
Ушите што на времето ми ја ежea кожата од страв, денес ја одржуваат мојата писателска кондиција. Сè што ќе напишам за животот во нашава Страдалница, за империите на будалетинките, на ушите им го читам. Им го читам напишаното и чекам да проработат. Чекам некој да тропне на мојата врата и да каже: „Од ушите на ѕидовите дознавме…“ Попусто, нема кој да бекне, а не, пак, да тропне.

Нешто не е во ред. Или ушите повеќе не се активни или некој ги обрал пред време и сега ги чува како зелки во расол, во темните агли на меморијата.

„Не е грешката во ушите!“ – ме советува писателот на кого му се пожалив оти никој не го есапи мојот реализам. Грешката ја лоцира кај писателите, поточно во она што го пишуваат. „Ушите го слушаат само тоа што не можат да го разберат. Во него наоѓаат скровиште за вистината, т.е за своите пороци. За да ти биде појасно, види кои поети, писатели добиваат национални награди, национални пензии и слично.
Ако сакаш нешто да кажеш за да те разберат во нашава Страдалница, кажи го низ чиста поезија – неразбирливо. Да биде толку тешко сфатлива, да не можеш ни самиот да го разбереш“ – ми го рече тоа и си замина.

Останат сам, со поглед кон небото ѝ се обратив на мртвата ми мајка: „Ех, мајко, мајко, денес ни ушите на ѕидовите не се како што некогаш биле. Вистинските, разбирливите поети во нашава Страдалница, оние што ќе можат да напишат: „Кога некојa игла ќе се загуби/ прави совршен круг/нејзиното малечко уво, станува сè помало/ тишината се вденува во него/шкорчето ќибрит поради неа, запалено умира/ во јамката од дим/ секоја нишка во светот поцрнува…“(Чарлс Симиќ „Игла“) ќе плачат за времето кога ѕидовите имале асални уши.“

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Фото: Pixabay

Сподели