Автор: Звонко Димоски
55. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, за прв пат во есенски, а не летен термин, заврши на 8 октомври, со доделување на наградите за кои одлучуваше жири, односно т.н оценувачка комисија, составена од Sвездана Ангеловска, Бајруш Мјаку и Александар Милосављевиќ. И организацијата и наградите и програмата, како сценската, така и печатената – далеку од тоа што му доликува и од тоа што некогаш значеше МТФ.
Во печатената програма, со многу лош идеен графички и просторен дизајн (заборавам веднаш дека сакам да размислувам за визуелни идентификации), несфатливо е зoшто ниту со две кратки реченици не е објаснета ниту една претстава. Истото, можеле да го направат на официјалната веб-страница, или пак, на фб-страницата, но не! Некаде барем, зашто половина Прилеп, не ни дозна дека се одржаа театарските игри. Ние, редовните посетители на МТФ, иако сакаме, во суштина веќе не знаеме што мисли самиот МТФ за понудените претстави, или пак, оценувачката комисија за доделените награди. Фали муабет, фали мисла, фали бифе, фали протокол, многу фалат некогашните фестивалски дневни брошури, фали театарска критика, а присутен е млак заткулисен муабет, премолчување за тоа што се случува и презентира како висока култура, неискрено честитање за работи за кои сме дури и најчесто согласни дека се просечни и лоши, итн.
Иако воопшто не се чувствувам повикан, ниту пак можеби доволно спремен да го коментирам театарот како уметност, размислувајќи за погоре напишаното и ненаидувајќи деновиве на ниту еден текст, којшто освен информативен, би имал и аналитичен и критичен пристап кон претставите што ги гледаме воопшто, не само на МТФ, почнав да ги бележам моите размислувања.
Последните успешни проби за театарска критика во земјава, за жал, ги сметам маргинално објавуваните беспрекорни анализи на Илија Упалевски. И после тоа, ништо! Зарем веќе толку немаат што да кажат неколкуте млади театролози во државата, или пак, свесни дека и самите се автори на многу просечни пишани дела, не се осмелуваат да говорат за другите?! Зарем толку им е сеедно на актерите/-ките, режисерите-/икте… зашто, за кого и како творат, па чекаат бунтот да дојде од надвор?! А нели истиот не е доволен, ако не е поттикнат од внатре, и зoшто е тоа речиси толку незамисливо, што е маргинализирана појава во домашната уметност?!
Веројатно Велешкиот театар е единствениот во земјава што целосно го разбира зборот продукција и претставување надвор од својата матична куќа. Секоја почит за начинот на кој се спремаат, претставуваат и гостуваат. „Сестрите Прозорови“, да, коректно, гледливо, речиси концизно, актерски солидно, но многу рамнодушно. Инспирирани од Чеховските потфати и веројатно од Бекетовските апсурдистички драматуршки решенија во пишувањето, дека безначајноста (бесцелноста) зјае од срцето на опстојувањето (живуркањето), Васил Зафирчев и Сашо Димоски како да не доуспеале да досликаат дека кога човекот ќе се најде помеѓу ништожноста, тривијалноста и празниот свет во којшто функционира како во вакуум, нема друг избор освен да проба да се соочи и да доживурка со смеење и комичен одговор на неговиот неиздржлив живот. Сметам дека ако поставуваме на сцена фантазма, истата треба да биде или поапсурдна или покрволочна или потрагикомична или посмешна, но никако рамнодушна.
Сцена од „Едип коментари“ на Штипскиот театар
„Едип коментари“ на Штипскиот театар беше многу, многу кревка! Еден добар актер (Ефтим Трајчов Ѓаурски), овој пат не беше во состојба да ја изнесе целата претстава, која несомнено има конкретен, но просечно реализиран севкупен концепт. Пред сè, актерски! Лоша дикција и актерска игра напати сведена на новите македонски народни приказни (истото го сметам за Охридскиот и Тетовскиот театар). Ако изземам дека сум купил билет за во театар, одлично конструиран танцов перформанс со солидни танчери, но сепак лишени од емоции и способност за каква било ефективна мимика/гест, a камоли да демонстрираат власт, злоба, завист, моќ. Вистинските ѕвезди (освен Ефтим) на оваа варијација се Томе Темелкоски (кому без дискусија требаше да му биде доделена наградата за музика) и Игор Киров (за среќа, награден за кореографија и сценски движења). Само што сè уште не разбирам, зошто на крајот, Едипа го направија и виновен за Македонија?!
Сцена од „Мојот маж“ на Драмски театар
Многу јасни и логични ми се одлуките за наградите доделени на Наталија Теодосиева (награда за главна женска улога) и режисерката Нела Витошевиќ, земајќи го предвид просечниот изворен материјал што го имале на располагање. Како не многу голем љубител на пишувањето на Бужаровска, признавам дека „Мојот маж” ми беше размислувана за некоја од главните награди. Инспирирана од многу просечно четиво, Нела Витошевиќ со екипата сепак создале одлична и потребна, концептуална претстава. Истата, мислам дека немало потреба да се вика „Мојот маж”.
Ова не можам никако да го речам за „И коњите умираат, зар не?” на Мартин Кочовски (Битолски театар). Иако стандардно храбра во идејното осмислување и секако, беспрекорно визуелно атрактивна, претставата на Кочовски (со „Фолтин“, без исклучок) едноставно беше нејасна, конфузна, досадна, иритантна и толку многу празна напати. Преполна со форми и потфати, кои што, тие што реално го следат театарот и Кочовски, чинам веќе ги препознаваат за ветви, изџвакани, неефективни и веќе несмасни. Ниту умешното Фолтиново балансирање во крајниот резултат на некои просечни претстави, не беше во состојба да ги натера актерите да уживаат во непотребното кокетирање со поп (и посебно фолк) културата. Не разбирам зашто оценувачката комисија на претстави со ниту едно добро актерско остварување (ниту групно, во случајов) одлучува да додели главни награди! И уште (иако Фолтиновци ми се драги пријатели), врз кои критериуми комисијата ја доделува наградата за музика? Да не сум пропуштил нешто, да не е наградава за кавери?
Албанскиот театар и Турскиот театар, и двата од Скопје, веќе години наназад имаат одлични/модерни продукции, со кои гостуваат на МТФ во Прилеп. Ние, прилепските театарски љубители, често, токму нив со денови ги коментираме и очекуваме следната година. Така беше и оваа година, најпрвин при изведбата на „Мурлин Мурло“ на Албанскиот театар. Сабина Мемиши, Елдин Широки, Гентиана Рамадани, Дритеро Аме… каква страст на сцена! Таква каква што ретко веќе се гледа на сцените на другите национални театри!
„Славната Флоренс“ на Турскиот театар, во режија на Драгана Милошевска-Попова, презентираше реалност во убаво стокмена естетика на епохата со камп-обојување (претпоставувам ненамерно) во која сè е возможно, мал триумф на утешувачката илузија на Џенкинс, во која се одбиваат искуства, вистини,и клишеа, кои, сакале или не, сите ги знаеме, а не сите со нив умееме да живееме. Трагајќи по некогашниот вистински театар, претстава која конечно го донесе она што толку многу недостигаше на фестивалските сцени – малку СПЛЕНДИД. И не само во умешната и прецизна, а толку многу скромна изведба на чудесната дама Бедија Беговска, туку и во беспрекорно жонглираните, јасно дефинирани четири лика на Џенап Самет, во нерасипаниот стоички и привлечен мачоизам на Селпин Керим, како и во преданоста (кон ликот) на Јеткин Сезаир, кој шармираше со секое движење, со секој поглед, со секоја насмевка. Исто вака сум се воодушевувал, кога како детиште, за првпат на сцената го гледав Никола Ристановски, а подоцна Висар Вишка. Да, токму така, пријатно е кога на сцената актерот/-ката е и едноставно – убав/-а.
Сметам дека е скандалозно и неправедно што претставата со можеби најкомплетно дефинираните ликови (покрај „Глембаеви“ на Прилепскиот), да биде изземена од актерските, и наградите, воопшто. Исто така, сметам дека е неправедна и нелогична одлуката на Советот на Фестивалот, влезот за претставите на овие театри (и Тетовскиот) да биде бесплатен, а за сите други не.
Кога сме веќе кај наградите, мислам дека актерите на „Мој термин“ (МНТ, реж. Синиша Ефтимов) требаше да ја добијат измислената од пред неколку години награда за групна игра, со брилијанти изведби на Николина Кујача, Тања Кочовска и Јордан Симонов. Чинам дека наградата за најдобра машка улога (наместо Јордан Симонов) требаше да му се додели на Селпин Керим, или пак, на Зоран Иваноски за улогата на Леоне Глембај (иако го вбројувам во актерите кои понекогаш не ги разбирам што говорат на сцена и во мојата глава нарекувани се „Де Ниро“ актери, односно такви што ги доживувам како одлични, но во повеќето улоги скори исти).
Тетовскиот, се појави со претстава за која најдобро е да заборавите дека сте ја гледале. Истиот, заедно со Охридскиот театар, претпоставувам целосно свесни за своите очајни изведби, сепак поверувале дека најважно е да се учествува, само што МТФ не е школски смотри. Да се додели каква било награда на охридската „Крик за љубов“ и тетовската „Страст и алчност“ (која иронија се насловиве, во однос на изведбите!), во најмала рака би жалосно од оценувачката комисија. Но, актерска награда за Горан Стојаноски, едноставно е безобразно и не е на место!
Земајќи го предвид нивото на дел на прикажаните претстави на МТФ, дипломската („Мурлин Мурло“) на ФДУ, повторно, како во добрите стари времиња, би ја вброил во подобрите, со многу солидни изведби на Нина Елзесер, Сандра Танчева, Дениз Ајдаревиќ и Антонио Ташковски. За последниот сметам дека може да биде феноменален актер, под услов да не се претвори во следниот Сашко, Тино или Атанас. Браво млади! Само ФДУ, зашто со онаква скудна, да не речам, случајна сценографија?!
Сцена од „Глембаеви“
Мене, низ годиниве, почна да ми фали актерот/ката кој(а)што во своето бесознание/лудост/мака/опседнатост ќе се извалка, ќе прокрвари, ќе поврати, ќе нема на сцена фризура од 100 евра и кога ќе ја почувствувам неговата/нејзината плунка, дури и кога седам во петтиот ред. Елементи, кои единствено напати ги забележав (Албанскиот театар, исто така) во одличните изведби на неколку актери од стандардно добриот Прилепски театар во претставата „Глембаеви“, во експериментална режија на Бранко Брезовац. Тука, пред сè, мислам на безобразно талентираниот и луциден на сцена Исидор Јованоски (помислив дека треба да ја добие наградата која ја освои, уште кога ја гледав ланската премиера) и пркосната, непокорна и громка креација на Даниела Иваноска (за жал, ненаградена).
Размислувам дали моменталната кондиција на современиот македонски театар ја чинат богатите визуелизации, настојувањето за раскошни повеќенаменски костими, подвижни сценографски елементи, вгнездување лични приказни и сл. при кои актерите/ките, трудејќи се да се снајдат, забораваат дека треба да глумат, или пак, едноставно не умеат, или пак, можеби веќе им е поважно дека станале политичари, кандидати, модели, врескачи, трчачи, обични забавувачи, посветени активисти, синхронизаторки и сл. ?!
Мака ми и, и малку се срамам да допишам дека токму вакви вршачи на дејности видов (наместо актери/-ки) во повеќето од присутните на сцената од најавениот настан за затворање на фестивалот, односно #ДРАМСКИ за Конески. Истиот ниту ме возбуди, ниту ме намовна, ниту ме разнежни, ниту ме направи горд, туку напротив, ме направи бесен. Онака не доликува да се однесуваш кон Конески. Презентација, која сметам дека е ‘ТРЕВОГА’ за имагинацијата на македонската висока култура!!!
МТФ „Војдан Чернодрински“, што направивте, на кај кинисавте, кој херој ќе ве врати таму каде што бевте некогаш?
Парафразирајќи ја Флоренс Џенкинс, „некој може да каже дека лошо сум напишал, но никој не може да каже дека не напишав, тоа што го помислив“.
Авторот е културолог, преведувач и препејувач од полски јазик, едукатор, долгогодишен предавач на Универзитетот „Адам Мицкјевиќ“ во Полска, идеен креатор и менаџер на проекти од областа на културата и социјалното претприемништво. Основач и проектен менаџер на „Јавен Простор Прилеп“.