За Сара Јорданова и сите жртви во Кочани. Дводневен Расплет фестивал за собирање донации

Дводневен хуманитарен музички настан – Расплет фестивал, ќе се случува утре и задутре кај Споменикот на слободата во Кочани, а го организираат млади луѓе меѓу кои и бендот „Корка“, токму од Кочани. Дел од организацијата се и „Гола планина колектив“. Тие објаснуваат дека во моментот, најважно е да се соберат што повеќе луѓе на настанот зашто се работи за целата младина и живот во Кочани. Главна цел е да се подигне свеста дека донациите не треба да се намалат и дека се потребни исто како во првите денови на формирањето на Support Kocani.

– Четири месеци поминаа, но раната оставена од трагедијата е сè уште свежа. За жал, вниманието на јавноста сè повеќе и повеќе се губи, а луѓето забораваат. Не смееме да дозволиме таква ситуација да остане незабележана. Тишината во овој момент е гласна, затоа ние треба да сме погласни! – велат организаторите.

Тие нагласуваат дека донациите стивнуваат, а тоа не смее да се случи зашто им се најпотребни на повредените. Тие чекаат на оваа поддршка.

– Некои од нив директно се вклучени во фестивалот за повторно да бидат социјализирани. Причината за дводневното времетраење на фестивалот е да привлечеме поголемо внимание кон Кочани и сите засегнати од трагедијата и да се собере што можно повеќе донации. Вториот дел од настанот, в о сабота (2 Август) ќе почне подоцна за да се остави простор на мировниот марш, кој ние од сè срце го поддржуваме, учествуваме и повикуваме луѓе да учествуваат и надвор од Кочани. Само ние, младите, можеме да си помогнеме едни на други. Целиот настан е посветен на Сара Јорданова (наша драга пријателка и соученичка која го загуби својот живот во пожарот), но и кон сите други засегнати – велат организаторите.

На Расплет фестивал ќе настапат; Хајка, Taxi Consillium, Корка, Алембик, Јаблан, Don Playa, Луфтанза, Соба Глувих, Големата Вода, Mallard и DJ Gianni.

Сподели