Тие и денес се своевидни мисионери на културата, бидејќи воспоставиле мостови помеѓу руската и културата на народите онаму каде што се населиле, вели Јасминка Намичева, една од авторките на изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940“ која беше отворена во Москва

Пишува: Катерина Богоева

Офицерскиот дом, Институтот за тропска медицина, Народниот театар, Банска палата, Судска палата се дел од препознатливите објекти на старо Скопје застапени во изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940“ која до вчера беше отворена во Домот на руската емиграција „Александар Солженицин“ во Москва. Авторки на изложбата се Јасминка Намичева, кустос-советник во Музеј на град Скопје и Екатерина Намичева-Тодоровска, асистентка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Токму архитектите-емигранти од Русија пред еден век почнале со изградба на овие објекти, по кои постарите скопјани сè уште воздивнуваат. Во интервјуто за Умно.мк Јасминка Намичева раскажува како ја подготвувале изложбата, какви предизвици им донела пандемијата, а какво задоволство отворањето на изложбата во Москва.

Јасминка Намичева

Какви импресии носите од отворањето на изложба која е курирана од Татјана Јуревна Иринархова и Дарја Александровна Жмилева од Дом на руската емиграција?

– Домот на руската емиграција „Александар Солженицин“ во Москва е државна институција сместена во комплекс од неколку објекти со површина од 13.000 квадратни метри. Конституирана е пред 25 години и до денес има создадено исклучително богати збирки на архивски документи, музејски предмети и библиотечен фонд, најчесто добиени како донации од семејствата на руските емигранти. Во 2018 година во рамките на Домот била отворена новата музејска зграда, проектирана и изведена по најсовремените музејски стандарди. Во тој објект каде е сместена постојаната поставка, во салата за времени поставки е отворена и изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940“. На свечената церемонија на отворањето, пред публиката со поздравна реч се обрати заменик директорот на Домот на руската емиграција, Игор Владимирович Домнин кој го истакна значењето на претставениот обработен архитектонски документарен фонд, како извонредно стручен музеолошки материјал. Истовремено го изрази и своето задоволство од почетокот на соработката помеѓу двете држави преку ваквите културни мостови. Важноста на таквите мостови преку кои се ширела културата ја истакнав и јас во своето обраќање бидејќи истражувањата на биографските податоци на архитектите ни покажаа дека руските, а всушност скопски архитекти, биле подеднакво и со скопски и со руски дух на однесување и за кратко време се интегрирале во скопскиот начин на живот. Некои од нив дури ги пронашле и своите животни сопатници од локалното население и затоа се многу значајни за обата народа како дел од нивното културно наследство, како дел од архитектонската култура на Скопје. Но, значајни се и за културните траги на руската дијаспора во градот.

Намичева и заменик директорот на Домот на руската емиграција, Игор Владимирович Домнин

Затоа тие и денес претставуваат своевидни мисионери на културата, бидејќи воспоставиле мостови помеѓу руската и културата на народите онаму каде што се населиле. Токму тие мостови сега, со оваа изложба, се обидуваме да ги продолжиме. Свое обраќање со импресии од изложбата имаше и проф. Алла Генадиевна Шешкен од Катедрата за славјанска филологија на Филолошкиот факултетот при Московскиот Государствен универзитет, додека вишиот научен соработник Виктор Владимирович Леонидов, исполни балада посветена на фреските од манастирот „Св. Пантелејмон“ во Скопје. Иако со ограничен број на посетители заради ковид-режимот, сепак на отворањето беа присутни гости од академската заедница, но и значаен број на колеги и потомци на руските бегалци. Особена чест беше поздравната порака испратена од внуката на архитектот Баумгартен.

Изложбата е резултат на соработка меѓу Музејот на град Скопје и Домот на руската емиграција, а во фокус се руски архитекти коишто работеле во Скопје во мошне значаен историски и културен период. Каков бил нивниот професионален ангажман што оставил дела вредни за проучување?

– Во текот на анализите на архивскиот материјал и споредбените истражувања, селектиравме три групи на архитекти-овластени инжинери чии дела и активност ги инвентиравме во Скопје за периодот 1920-1940 година. Првата група ја сочинуваат: Василиј фон Баумгартен, Иван Рик, Виктор Лукомски, Петар Анагности, Василиј Андросов, Григориј Самојлов и Николај Краснов – руски архитекти кои по 1920 година биле населени во Белград и главно работеле како професионални проектанти во службите на најразлични министерства на Кралството СХС. Тие биле ангажирани да изготвуваат проекти за големи јавни објекти или пак учествувале на јавните конкурси финансирани од државата. Како резултат од нивната работа е изградбата на голем број објекти кои претставувале обележја на Скопје: Офицерскиот дом, Институтот за тропска медицина, Народниот театар, црковните објекти „Св.Петка“, Ханриево, но и конкурсните проекти за Пошта 1, Банска палата, Судска палата и др.

Втората група архитекти ја сочинуваат: Константин Хоменко, Ефраим Бронштајн, Евгениј Дацков, Михаил Дворников, Вјечеслав Бујко, Николај Бурхановски, Николај Никушкин, Ваган Карагањан, Михаил Матвеев. Станува збор за руски инжинери и архитекти кои биле ангажирани веднаш по нивното населување во Скопје во текот на 1921-1923 година во техничките служби на градежното одделение на Градската општина како надзорни инжинери архитекти за сите јавни општински градби, но и за спроведување на градежната регулатива согласно новите технички прописи за сите станбени објекти кои се граделе во тој период. Така, изградбата и поправката на сите училишта во градот, сите комунални објекти, паркови, јавни објекти од општински карактер ја спроведувале овие инжинери-архитекти. Најголемиот број од нив веќе до почетокот на 1930-тите години започнале приватна претприемачка пракса кога се појавиле како проектанти, но истовремено и изведувачи на голем број станбени објекти.

Во третата група ги издвоивме најпродуктивните архитекти- проектанти во Скопје: Иван Артемушкин и Борис Дутов каде детално се осврнавме на нивната архитектонска продукција и животни биографии. Тие во периодот на својата активна архитектонска проектантска дејност во овој град имаат создадено проекти за повеќе од 900 станбени објекти. Претставени се детални анализи на нивната поединечна продукција по години, но систематизирана и по видот на стилските карактеристики, од објекти со белези на академизам, до рано модерна, имплеметирани во проектирањето и на скромни едносемејни станбени единици, сè до повеќесемејни многукатници кои скопјани често ги нарекувале „палати“. Дел од објектите на кои им се воодушевуваме и денеска, палатите на браќата Бојаџиеви, на браќата Читкушеви, на Армагањан, на Рубен, на Крстиќ, на д-р. Бојаџијан, Дикиџијан – „Арапска куќа“, потоа објектот на некогашното кино „Уранија“( „Култура“), на некогашното кино „Вардар“. За жал, тие се мал дел од објектите кои го преживеале земјотресот од 1963 година. Но, за останатите објекти кои го сочинуваат најголемиот дел од нивната продукција, а за кои сведочат архивските архитектонски планови, за поопсежно претставување на материјалот изработивме бројни 3Д реконструкции. Делата на овие архитекти се особено значаен дел од архитектонското наследство на Скопје и бездруго на соодвет ен начин заслужуваат да бидат вреднувани.

Што содржи поставката и колку време истражувавте, ја подготвувате, со оглед на тоа што работевте стручни лица од две држави во време на пандемија од ковид-19?

– Поставката се состои од 20 паноа, на кои преку факсимилни документи, архитектонски планови, фотографии од поштенски картички од старо Скопје и лични документи се претставени биографиите и делата на споменатите архитекти. Објектите кои повеќе не постојат се претставени преку 3Д реконструкции на соодветни интерактивни монитори, а како поткрепа на целосната слика за градот од тој период беа проектирани стотина документарни фотографии. Документарни филмови за Скопје пред земјотресот на кои може да се доживее атмосферата на градот изграден од 1920 до 1940 година, како и филмови за него по земјотресот, од 70-те и 90-те години од истиот век, се исто така составен дел од изложбата. Целокупниот прикажан материјал е резултат на долгогодишни истражувања и систематизирање на собраниот материјал, на кој интензивно работевме последните пет години. Особено Екатерина го акцентираше материјалот кој се однесува на скопските „палати“, бидејќи тоа е во фокусот на нејзината докторска теза која е во завршна фаза.

Намичева, Марија Третјакова (извршна директорка на Фондот за развој на македонско-руските односи) и Татјана Јуревна Иринархова

Во 2018 година за прв пат во ваква интегрална форма го презентиравме материјалот од истражувањето на интернационална конференција посветена на руската емиграција од Македонија, каде всушност и ја добивме понудата за подготовка на изложбата во Москва. Планирано беше да биде отворена во 2020 година, по повод 100 годишнината од пристигнувањето на првите руски архитекти-емигранти во Скопје, но за жал, пандемијата ја одложуваше неколкупати. Како и да е, комуникацијата со колешките куратори на изложбата, Татјана и Дарија од Москва, секако се одвиваше онлајн, но ја работевме под огромен стрес од можни повторни одложувања што предизвикуваше постојано пренаменување на планираните средства и секој следен пат намалувања на буџетот. Но, задоволството е уште поголемо што и под вакви тешки услови за нормална работа ја реализиравме изложбата со особено голем интерес на академската заедница во Москва. На нејзиното отворање присуствуваа еминентни професори и студенти, иако тоа се одвиваше во режим на штотуку прогласен двонеделен карантин на московјани и со многу ограничен број на посетители. За изложбената поставка е отпечатен мал каталог на руски јазик.

Предвидено ли е изложбата да биде отворена и во Скопје?

– Има интерес и подготвеност изложбата да биде пренесена во Скопје во текот на 2022 година, но се разбира, ако за тоа покажат интерес Музејот на град Скопје и Град Скопје. Се надевам дека таа идеја ќе имаме можност да ја реализираме и дека скопјани ќе имаат можност да се запознаат „тет-а-тет“ со ликовите на авторите на објектите покрај кои всушност секојдневно минуваме и честопати им се воодушевуваме. На старите скопјани кои воздивнуват по Скопје од нивната младост им ги должиме и информациите за личностите кои ги создале тие објекти, а со тоа ќе биде надополнета сликата за архитектонската култура на градот. Дотогаш, Домот на руското иселеништво во Москва изложбата по затворањето ќе ја постави како виртуелна изложба којашто ќе може да се проследи онлајн на нивната веб – страница.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.