Графиката како уметничка дисциплина секогаш носи креативни предизвици. Од подготовка на скици до работа на материјали и финализација на графичкиот лист, процесот е долг и исполнет со предизвици – вели уметницата Сања Жигиќ од Нови Сад, која е една од менторките на Графичката работилница „Софија“ – Богданци
Сања Жигиќ е виш стручен соработник на Катедрата за графика на Академијата за уметности во Нови Сад. Таа е искрен пријател и активен член на Графичката работилница Софија во Богданци, на која има присуствувано на речиси сите изданија како учесник, асистент или ментор. Во текот на својата творечка кариера, Сања има учествувано на бројни проекти и изложби, како во Србија, така и на меѓународно ниво. Таа е силно посветена на промоција и развој на графичката уметност, особено кај младите автори.
Како вашето искуство како виш стручен соработник на Академијата за уметности во Нови Сад влијае на вашата работа во Графичката работилница Софија во Богданци?
– Моето искуство со годините експоненцијално расте. Работата со млади уметници, графичари како на Академијата за уметности во Нови Сад, така и на Графичката работилница Софија-Богданци, е секогаш инспиративна. Оваа соработка создава услови за младите уметници да создаваат во подобри услови и да се инспирираат едни од други.
Кои се најголемите предизвици и задоволства кога работите како ментор на графички работилници?
-Графиката како уметничка дисциплина секогаш носи креативни предизвици. Од подготовка на скици до работа на материјали и финализација на графичкиот лист, процесот е долг и исполнет со предизвици. Голема чест и задоволство е да бидам дел од оваа уникатна работилница, каде младите уметници разменуваат искуства и се испробуваат во различни графички техники.
Како ја гледате улогата на графичката уметност во современото образование и нејзиниот потенцијал за креативно изразување кај младите?
–Во последните десет години, ситуацијата значително се подобри. Графиката излегува од класичните рамки, а младите уметници ја промовираат преку различни работилници, перформанси и колективни проекти. Овие активности не само што ја збогатуваат креативноста, туку и ја приближуваат уметноста до јавноста.
Што ве инспирира и мотивира да продолжите со активно учество на проекти и изложби на национално и меѓународно ниво?
-Инспирацијата доаѓа од соработката со уметници кои имаат поинаков пристап кон реализирање на идеите, како и од новите локации каде се организираат проектите и изложбите. Овие фактори го збогатуваат мојот креативен процес и ја продлабочуваат мојата мотивација.
Редовно сте дел од Графичката работилница Софија. Што е она што ве мотивира секоја година да се враќате во Богданци и по што е уникатна оваа работилница?
-Работата со младите уметници е секогаш предизвикувачка и инспиративна. Графичката работилница Софија е единствена по својот карактер. Како резиденцијална програма, таа собира повеќе од 15 млади уметници од регионот и пошироко, кои имаат можност да разменуваат знаења и искуства во полето на графиката. Работилницата негува и традиционални и експериментални техники, што овозможува постојан развој на графичката уметност. За мене е чест и задоволство да бидам дел од овој проект, кој веќе стана традиција и опстојува скоро две децении.