Пишува: Даница Среткоска, средношколка
„Сурова година страдна.
Рацете врзани назад.
Кој ли во ноќва падна?
Туѓинци градов го газат.“
За некој обични стихови, за друг тешки зборови. Денес се враќаме еден век назад, за да му одбележиме роденден на незаборавниот Блаже Конески, кој иако живееше 101 година пред нас, успеа да ги предвиди сегашните денови.
Да се зборува за Конески е исто како да се зборува за едно од најверните деца на македонската држава. Тој е синоним за Македонија, за македонскиот јазик, за умот, храброста, интелигенцијата. Синоним за македонизам. Во Блаже го имаме сѐ она што денес недостига.
Тој е јазичарот на кој ние денес сме му должни за овој јазик кој го користиме. Конески е личноста која успеа да долови звук на чудна песна, кој со зборови ја наслика Везилка од минатиот век и ја доближи до народот во сегашниов свет. Човек кој црвената и црната ги преточи на хартија, а ја зачува нивната јаркост…
„О Тешкото“ сигурно уште одекнува во неговото родно Небрегово и гордо излегува од грлата на учениците. И уште зурлите диво пискаат, и тапанот грмнува со подземен екот, но, не знам дали остана нечија младост што сака да летне…
И еве пак е ноќ, а „Стерната“; дури и мене уште ми одекнува во ушиве, ноќе, во ниедна доба.
„Се лути некому. А не го разбираш зборот, се токми да излезе. Ми бучи стерната в уши како никогаш, како да претекла сета во мене, овде, в гради, и по дамарите.“
Блаже Конески нам ни остави големо пишано богатство. Знаењата и вештините кои ги поседуваше го донесоа на врвот на својата кариера и е запишан не само како кодификатор на литературниот македонски јазик, туку како и доктор, професор на Филозофскиот факултет, шеф на Катедрата за јужнословенски јазици, декан на Филозофскиот факултет и ректор на Скопскиот универзитет и прв претседател на МАНУ.
И како што Конески неуморно бдееше над своите книги и трудови, за да го афирмира македонскиот јазик, објаснувајќи за неговата важност и посебност, преку проза, поезија, граматика, речници, оставајќи ни вечен спомен, заслужи барем едно наше бдеење врз неговиот труд.
И така Блаже Конески успеа да остане неуморен творец на убавината, благороден поет што ја воздигна славата на македонскиот дух…





