За 300 денари продаден портрет на Радован Павловски во онлајн-перформанс на уметникот Тони Попов

Аукцијата на ликовниот уметник Тони Попов е испровоцирана од Друштвото на писателите на Македонија кое распиша конкурс за ликовен портрет на академикот Радован Павловски во замена за комплет книги

Ликовниот уметник Тони Попов вчера со својот перформанс во живо ја разбранува социјалната мрежа „Фејсбук“ откако го понуди на продажба портретот на поетот и академик Радован Павловски за максимална цена од 300 денари. Почетната цена на портетот изработен во 2020 година, во техниката акрил на картон, со димензии 25х36 сантиметри беше 50 денари. Според правилата што ги постави авторот, секое наддавање беше во износ од 50 денари. Дел од учесниците во аукцијата беа упатени и беа дел од перформансот, но имаше и изненадени луѓе што се чудеа на прениската цена на уметничкото дело и нудеа многу повеќе.

Аукцијата на Попов е инспирирана од Друштвото на писателите на Македонија кое распиша конкурс за ликовен портрет на академикот Радован Павловски во замена за комплет книги.

„На конкурсот можат да учествуваат сите заинтересирани и нема никакви ограничувања за форматите и ликовните техники. Најдобрите портрети на поетот, Принцот на метафората Радован Павловски, ќе бидат трајно изложени во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, а авторите ќе бидат наградени со комплети книги“, објави ДПМ во конкурсот.

За возврат, Попов во перформансот нагласи дека парите од купопродажбата на портретот ќе бидат наменети за купување комплет книги.
– Портретот не е врамен. Доколу евентуалниот купувач се согласува, за дополнителни 100 денари ќе добие рамка која лесно ќе може да си ја намонтира при примањето на производот. Доколку тоа би претставувало тешкотија за евентуалниот купувач, за дополнителни 150 денари ќе го добие производот со веќе монтирана рамка. Од тригодишното стоење во фиока, производот е минимално изгребан. Евентуалниот купувач може да побара минималните оштетувања да бидат санирани. Тоа евентуалниот купувач ќе го чини дополнителни 50 денари – напиша Попов во постот.

Перформансот отвори дебата за состојбите во ликовната уметност во Македонија, особено на прашањето за откуп на ликовни дела. Откупот кој до пред 30 години беше редовна практика со која се пополнуваа музејските колекции со дела од актуелните случувања на ликовната сцена стана непостојана активност по осамостојувањето на Македонија. Пред десетина години почна да се обновува оваа практика, но по неколку години повторно замре.

Коментарите на перформансот на Попов беа различни – од осудувања на конкурсот на ДПМ, до ставови дека писателската асоцијација е здружение на граѓани, а откупот на ликовни дела е обврска за која треба да се грижат институциите.

Владимир Илиевски коментираше дека ова е пример како се деградира ликовната уметност и тоа од колеги уметници, во случајов од областа на книжевноста.
– Барем браќата по уметност меѓусебно да се поддржуваат, а не да се злоупотребуваат. Еквивалентот на ова би бил Друштвото на ликовни уметници да распише конкурс каде ќе биде побарано да се напише роман во чест на некој наш ликовен уметник, а одбраните учесници да бидат наградени со комплет каталози од изложби – вели тој.

Ликовниот уметник Никола Пијанманов вели дека перформансот е протест насочен кон конкурсот што го објави ДПМ во кој се бара од уметниците да насликаат портрет на големиот поет, кој би останал во трајна сопственост на друштвото, а со надомест од неколку каталози и книги.

– Сакајќи, а повеќе несакајќи, Друштвото отвори болно прашање за третирањето на ликовната дејност кај нас, со погрешното девалвирачко вреднување на сликарството и уметниците кои создаваат движни културни наследства. Во земјата со години не постојат откупи на ликовни дела, нити пак надомест за самостојните изложби кои се реализираат… ликовните автори се на крајот на креирањето на буџетите за култура. Тој крај се продлабочува. Вреднувањето мора да започне. И тоа баш од здруженијата и друштвата чија дејност е уметност – вели Пијанманов.