Осумчасовен музички маратон ќе започне вечерва во 21.30 часот во клубот „Јагода“ во Битола. Настанот е дел од нова иницијатива која деновиве ја бранува Битола именувана We pretend it’s a city. Станува збор за ново поглавје на културни настани во градот, кој во фокус ќе ја имаат алтернативната култура во урбан контекст, надвор или на границите на постоечката популарна култура.

На маратонот вечерва ќе настат водечки артисти и бендови од електронската и алтернативната музичка домашна сцена, трап музичари и нови музички формации.
– Градот го прават луѓето што живеат во него. И колку ова да звучи како клише, Битола ја прават битолчани. Зошто We pretend it’s a city? Затоа што една група од нас тука е во постојана борба, да направи Битола да биде градот што ние сме го замислиле и каде навистина сакаме да живееме. Вечерва отвораме едно ново поглавје во градот со музички настан кој ќе покаже дека тука сѐ уште има луѓе кои има што да кажат, од двете страни на бината – велат организаторите.

Ќе настапат следните бендови и артисти: Heart on sleeve, Марија Каева Трио, PMG, Princess Donatsu, Donplaya, Мирко Попов и BerryQuat.





