Издавачката куќа „Или-Или“, пет години од првото издание, го објави наградуваниот и преведуван роман „Маџун“ од Влада Урошевиќ. Книгата е објавена во едицијата ПРОаЗА. Лектурата е на Сузана В. Спасовска, а дизајнот на корицата на Марија Смилевска.
По првото издание („Магор“ 2018) „Маџун“ ја добива наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, номиниран е за македонски кандидат за наградата „Балканика“, а преводи се објавени во Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска.
Писателот Миљенко Јерговиќ вели дека Урошевиќ во „Маџун“ постигнува ефект што, во доживувањето на читателот, е сличен на оној во Продавницата со цимет од Бруно Шулц.
– Одеднаш, како да прозборуваат мртвите работи, како меѓу џагорот на луѓето да се препознава и џагорот на неживиот свет, а целиот универзум се вселува во душата и телото на едно момче. А во таа куќа, во таа човечка глава, како во приказната за Баш Челик, постои една врата што не смее да се отвори. Зад таа врата е она што не смее да се види, а не може да се избегне – вели Јерговиќ.
Според Оливера Ќорвезироска, „Маџун“ е роман за детството, но не вообичаен билдунгс-роман за созревањето, туку роман за меморијата на детството, на вообразбата, на сеќавањето, на спомените и промените.
Влада Урошевиќ (1934) е поет, прозен писател, есеист, патописец. Препејувач на француската поезија (Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Бретон, Мишо…), автор на повеќе антологии. Роден во Скопје. Како и „Маџун“, и некои други негови романи („Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“, „Дива лига“, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“) за сцена на своето дејство го имаат Скопје во разни периоди од неговата историја. Своите мемоарско-есеистички текстови за родниот град ги објавил во книгите „Алдебаран“ и „Астролаб“. Повеќе негови раскази, од седумте објавени збирки, се одигруваат исто така, во Скопје. Во 2023 година, по наградите „Роман на годината“ и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, прогласен од Македонската асоцијација на издавачи за „Автор на годината“.





