„Вселенаутика“: Важно ни е да го олеснуваме нарамникот што го „влечкаме“ со себе насекаде

Тие не постојат долго како музички бенд, но од нивните почетоци и првите контакти на двете нивни песни со својата публика, дефинитивно може да се очекуваат со задоволство и нови теми. „Вселенаутика“ е бенд предводен од Емил Бакев. Нивна последна песна е „Предци“, која има и интересен видеозапис. Неминовно е прашањето од каде името на бендот, кој е баш досетлив.

– Овие два збора сковани заедно ни прозвучеа како спој кој е вдахновен со универзалност, а истовремено останува неодоливо „нашински“. Вселена е збор од црковнословенско, а наутика од латинско потекло, па сепак еден до друг тие звучат како автентична алтернатива за интернационално прифатениот, астронаутика. Привлечна е и примената на овие древни зборови за да се опише една така современа човечка активност како патувањето во космосот, а добивме и коментари дека името одлично пасува со звукот на бендот – вели Бакев.

Членовите на бендот официјално се заедно од неодамна, но во разни формации, со разни луѓе.
– Иако официјално групата под ова име постои од неодамна, ние во различни формации, со различни луѓе и свирејќи различни музики сме работеле на повеќе наврати во минатото. Всушност, се познаваме многу одамна, уште од деновите кога како основци со гитари спонтано се собиравме да свириме и да пиеме евтин алкохол на кејот, некаде таму каде што денес се наоѓаат новите мостови на Вардар – вели Бакев.

Нивните две песни по звук и текст не навраќаат на едно време кога бевме научени на квалитетна музика, која се слушаше и подалеку од Македонија.

– Неизмерна благодарност му должиме на нашиот Огнен Митев – fussflow, продуцент и мултиинструменталист кој живее во Минхен и создава музика од разни жанрови. Огнен ни е стар другар кој малку на шега, но повеќе сериозно го сметаме за задграничен член на бендот бидејќи тој е личноста која нашите песни ги вообличува и дооформува во конечен производ, од време на време свирејќи и одредени инструментални делници. Вреди да се чуе творештвото на fussflow! – вели Бакев

Спотот за песната „Предци“ е приказна за себе. Во него е вклучена и лична фотоархива од семејствата на музичарите.

– Идејата се зачна како плод на случајно чуен муабет на една млада скопска уметница која во една пригода рече како градските ветришта во некои ноќи ја потсеќаат на повици од предците, а се дооформи под влијание на некои песни од нашиот славен поет, романсиер, публицист и новинар Петре Бакевски. Спотот, пак, е приказна за себе. Првичната идеја беше да се употребат само неколку кадри од стари видеоленти како штос, сврзно ткиво за вистинското дејствие во спотот. Сепак, по дигитализирањето на дел од семејните архиви увидовме дека во тој материјал има толку интересни детаљи кои совршено одговараат со песната, што би било вистинска штета да останат неискористени – објаснуваат тие.

Во тек се со подготовка на две нови песни до почетокот на летото, а потоа ќе следуваат свирки по локали низ Македонија.
– Нам ни е важно полека, но сигурно да го олеснуваме нарамникот песни кои ги „влечкаме“ со себе насекаде каде одиме. Сепак, тоа се песни за луѓе кои внимателно слушаат, а тоа поприлично се коси со духот на времето во кое живееме.

Сподели