„Врзино“ – инсталација од Стефан Анчевски во Куманово

Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „Врзино“ од Стефан Анчевски. Тој ќе се претстави со триесетина дела во вид на интегрирана sидна инсталација.

Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Реализирал осум самостојни изложби, а учествувал на преку 100 групни изложби и прикажувања во земјава и странство.

За неговото творештво професорот Звонко Павличиќ пишува:
– Вродената дарба на младиот сликар и графичар Стефан Анчевски ги прерасна неговите творечки стремежи за сопствено воздигнување и афирмација. По стекнатото ликовно образование, Анчевски систематски и внимателно ја одредува појдовната точка за своето творештво, каде што формира графички претстави, облици и симболи, вклучително и неговата духовна, мисловна и емоционална перцепција – вели тој.

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 10 јули.

Сподели