Врвни музичари од Хрватска на „Скопско лето“

Триото „Јонген“ од Хрватска вечерва во 20.30 часот ќе одржи во Музеј на македонската борба. Ќе настапат Рената Пенезиќ – флејта, Жарко Перишиќ – фагот и Марина Матолиќ – пијано. Триото „Јонген“ е единствениот ансамбл во регионот кој го негува транспарентното филигранско разиграно свирење музика во вистинскиот дух на француската школа за дувачки инструменти. Виртуози на своите инструменти, солисти во оркестри и професори на Музичката академија во Загреб, ги соединија вештините и љубовта кон заемното свирење музика за да ѝ го претстават на публиката овој интересен спој на инструментите и боите.

Рената Пенезиќ дипломирала на Музичката академија во Љубљана во класата на проф. Феџа Рупел. Како добитничка на стипендијата Deutscher Akademischer Austauschdienst (DAAD), магистрира во класата на Андрас Адорјан (András Adorjan) на Hochschule für Musik во Келн. Веќе во третата година од студирањето станува соло флејтистка во Загрепската филхармонија. Покрај активностите со оркестарот, паралелно и успешно ја развива кариерата како солист и музичар на камерна музика, соработувајќи со хрватски и странски музичари и ансамбли. Таа е професор по флејта на Музичката академија на Универзитетот во Загреб.

Жарко Перишиќ е роден во Сплит. Ги завршува своите студии во класите на проф. Маријан Кобетиќ (Загреб), проф. Милан Турковиќ и проф. Ричард Галер (Салцбург). Во 1992 година се вклучува во Ерусалимскиот симфониски оркестар во Израел. Настапува како солист или како член на ансамблите како што се: Van Leer Ансамбл, Musica Nova, Ансамблот Caprisma и се појавува во бројни снимања заедно со Ерусалимскиот симфониски оркестар.
Како музичар на камерна музика, се појавува со разни уметници: Немања Радуловиќ, Един Карамазов, Зиприен Катсарис, Вернер Хинк, Хана Вајнмајстер и други.

Марина Матолиќ завршува додипломски и постдипломски студии на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Јурица Мураи и Ѕвездана Башиќ. Исто така, учи клавичембало две години и започнува да ја разоткрива камерната музика и пијано придружбата. Настапувала како соло пијанист и соработува со многу други солисти, камерни ансамбли и оркестри. Учествува на многу фестивали, семинари, музички курсеви и натпревари во Хрватска и во странство. Од 1997 година работи со Музичката академија во Загреб како уметнички консултант – пијано придружба и професор. До денес, активно е ангажирана на концертната сцена во Хрватска и во странство.

Концертот во Музејот на македонската борба се одржува во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, во согласност со протоколите за штита од ковид-19. Билетите чинат 200 денари, а може да се купат пред почетокот на концертот на влезот на Музејот.

 

Сподели