Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Рапсодија за алт-саксофон и оркестар од Клод Дебиси, Концертот за саксофон и оркестар „Талахачи“ од Јакоб Тер Велдхаус кој првпат ќе биде во Македонија и Симфонија бр.10 од Дмитри Шостакович
Една од најдобрите саксофонистки во класичната музика, Асја Фатејева од Крим/Германија во петок (20 часот) ќе настапи солистички со оркестарот на македонската Филхармонија. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Рапсодија за алт-саксофон и оркестар од Клод Дебиси, Концертот за саксофон и оркестар „Талахачи“ од Јакоб Тер Велдхаус кој првпат ќе биде во Македонија и Симфонија бр.10 од Дмитри Шостакович.
Кога ќе го слушнат зборот „саксофон“, луѓето најчесто го поврзуваат со џез-музиката. Фатејева со своето присуство на светската музичка сцена сака да го измени овој контекст и да докаже дека саксофонот е инструмент кој е присутен и во класичната музика.
– Се надевам дека класичниот саксофон ќе успее да го добие заслуженото место на светската музичка сцена – вели Фатејева.
Во 2014 година, таа е првата жена која успева да влезе во финалето за престижната награда „Адолф Сакс“ на интернационалниот натпревар во Белгија, на кој го добива третото место.
Асја Фатејева
Родена е во Керч, на Крим, во 1990 година. На шест години почнала да учи пијано. Саксофонот го открива на 10 години. Почнува да го изучува инструментот кај проф. Маргарита Шапошникова на познатиот институт „Гнесин“ во Москва, а магистерски студии завршува во Франција. Во 2004 година се сели со семејството во Германија, каде што го дозавршува своето школување во Келн.
Фатејева настапува како солистка со речиси сите познати светски оркестри, а од 2014 година предава саксофон во Мунстер, Германија. Музичката критика не штеди зборови за оваа исклучителна солистка. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека Фатејева е вистинска сензација во музичкиот свет и дека нејзиното свирење е „толку елегантно и лесно“. Во моментов живее во Хамбург, каде свири саксофон во познатиот „Алиеџ квинтет“, со кој изведуваат ремек-дела од класичната ера, аранжирани за пијано и четири саксофони. Тоа ѝ помага да го прошири својот репертоар, бидејќи нема многу класични дела за саксофон, со оглед на фактот дека Адолф Сакс го создаде инструментот во 1840 година. Поради тоа, Фатејева која свири и сопран и алт-саксофон транскрибира дела од барокот и од класичната музичка ера за својот инструмент.
„Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој прави нештата да се случуваат“, пишува критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент стекнал популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво на интернационално признат оркестар и станал домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.
Конрад ван Алфен
Од 2005 до 2009 година Ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со награда за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и во Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.
Конрад ван Алфен е роден во 1963 година, во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберто Бензи.