На Филозофскиот факултет во Скопје во салата за седници, денеска во 11 часот ќе биде одбележан Денот на Филозофското друштво на Македонија (ФДМ). Во рамките на настанот ќе биде врачена наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината за 2023 година и ќе се одржи промоција на 33. издание на специјализираното стручно списание „Филозофска трибина“ што го издава Друштвото.
Според едногласната одлука на Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Мирко Ѓошевски (претседател), проф. д-р Денко Скаловски и проф. д-р Сузана Симоновска (членови) наградата е доделена на подготвувачите на двотомниот лексикографски речник „Македонска научна и стручна терминологија – ФИЛОЗОФИЈА“, проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Иван Џепароски. Овој капитален потфат е публикуван во рамките на Макропроектот на МАНУ – „Македонска научна и стручна терминологија“ (чијшто главен уредник е академик Витомир Митевски).
„Филозофска трибина 33“ излезе од печат кон крајот на минатата година и во него стожерно место зазема тематот „Современите предизвици на филозофијата и/на науката“. Списанието ќе го промовира д-р Марија Тодоровска, професор на Филозофскиот факултет во Скопје.
Повеќе информации за содржините на настанот на линкот.





