Во основното училиште „Лазо Трповски“ во Скопје денеска во 11 часот ќе биде врачена наградата освоена на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај во Берлин. Наградата на училиштето, дипломите на наградените ученици од 4-в одделение и на наставниците-ментори Александра Неделковска-Петровска и Стефан Симовски ќе им ги врачи директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски.
Ученици ја освоија наградата за проектот „Летаме со ербас“. Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузната конференција за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“).
Конечната одлука за наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе деветчлено стручно жири составено од претставници на организаторот Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, германски парламентарци, медиумски работници и претставници на концернот Ербас.
Подетални информации за натпреварот на линкот.