Врачени почесните награди „Златна рамка“ на Тони Михајловски, Владимир Анастасов-Вац и на Марина Колоска

Стотина гости, еминентни претставници од светот на културата и кинематографијата и љубители и поддржувачи на македонската филмска индустрија присуствуваа на доделувањето на почесните награди во рамките на филмската ревија „Златна рамка“ на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) во Младинскиот културен центар во Скопје. Наградите им беа врачени на Тони Михајловски како најистакнат актер, Владимир Анастасов-Вац за најистакнат филмски автор и на Марина Колоска за најистакнат филмски работник.

Манифестацијата „Златна рамка“ фокусот го става на филмовите произведени во изминатата година и има значајна улога во развојот на филмската култура во Македонија. „Златна рамка“ претставува еден вид на витална платформа за филмските професионалци да разменат искуства и согледувања, поттикнувајќи средина за соработка која го подобрува квалитетот и досегот на македонската кинематографија. Истовремено, оваа манифестација ги претставува македонските краткометражни, долгометражни и документарни филмови пред будното око на македонската публика, која со своите впечатоци и критика придонесуваат за континуиран развој на кинематографијата.

– Со организацијата на „Златна рамка“, целиме да ја промовираме македонската кинематографија на поширока публика и верувам дека оваа година успеавме во тоа, иако ни преостануваат уште неколку проекции до крајот на овогодинешното издание. Навистина ми е драго што имаме зголемен број на филмски проекции, а киносалите се исполнети до последното столче – рече Томи Салковски, генерален секретар на ДФРМ.

Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи рече дека манифестациите како „Златна рамка“ го прикажуваат потенцијалот на македонската кинематографија, но без одржлива институционална поддршка, нашата филмска индустрија не може да просперира. Тој апелираше за зголемена поддршка на македонската кинематографија, за да не се доведуваме во ситуација да треба да ја реанимираме и враќаме во живот.

– Да ја поддржиме и со тоа и да го поттикнеме филмскиот талент во државата. Ги охрабрувам сите граѓани со своето присуство на филмски проекции да ги испочитуваат нашите талентирани филмаџии и да оддадат признание на македонската кинематографија – рече Иванов.

Како дел од програмата на филмската ревија „Златна рамка“, до крај на завршување на манифестацијата, љубителите на македонскиот филм во киното „Фросина“ ќе може да ги проследат проекциите на документарниот филм „Дневник по многу години“ денеска во 18 часот и долгометражните филмови „Лена и Владимир“ во 20 часот и „Домаќинство за почетници“ со почеток од 22 часот.

Сите заинтересирани ќе може да присуствуваат на трибината на тема „Зачувување на аудиовизуелното наследство“ денеска во 12 часот, во чии рамки учество ќе заземат експерти како Владимир Ангелов, проф. Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.

Насловна фотографија: ДФРМ

Сподели