Кога театарот беше на колена, во долгови и нарушени меѓучовечки долгови, в.д директорката што сега ја разрешува Министерството успеа да реши дел од овие проблеми и да го врати на добар пат – велат од ансамблот на Театар Комедија

Доколку Министерството за култура смета дека Нора Шаќири-Марковиќ не е соодветен кадар за позицијата директор, ние вработените, бараме до распишување на редовен конкурс, за в.д директор да биде поставен Дарко Спасев, драматург во театарот, меѓународно етаблиран професионалец, човек во кој ансамблот има доверба. За разлика од претходните наши укажувања во последните пет години, се надеваме дека овојпат ќе биде послушан гласот на ансамбот и на вработените во театарот. Во спротивно, ќе ги искористиме сите правни и јавни механизми, кои ни се на располање – кажаа вчера актерите од Театар Комедија, откако министерката за култура Ирена Стефоска ја разреши Шаќири-Марковиќ. Стефоска на нејзината позиција ја назначи актерката Магдалена Ризова-Черних.

Одлуката е донесена по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд.

„Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес – велат од кабинетот на Стефоска.

Шаќири-Марковиќ дојде на функцијата на 2 февруари годинава на местото на Сашо Ристовски, кој беше разрешен поради неправилности во работењето. На својот фејсбук-профил таа истакна дека „успеала Театар Комедија да го издигне над сите црни облаци што го навјасаа“.

Нора Шаќири-Марковиќ (фото: Јутјуб – Репортер)

– Како директор поведов дисциплинска постапка за вработен кој без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор замина на патување и истото го поткрепи со фотографии и за истото се изјасни пред комисијата која го донесе решението за дисциплинска казна дека е виновен и казната ја прифати.

Она што е моја гордост е тоа дека работев согласно закон, дека ја имам безрезервната поддршка од сите мои колеги, се изборив театарот да се врати во полн сјај без долгови, со три нови претстави, со прекрасен репертоар и неколку фестивали од кои два во продукција на театарот.

Намерата е јасна, делата зборуваат за сите нас. Горда сум на сè досега направено, горда сум дека конечно во театарот се врати комуникацијата, разбирањето и почитта меѓу вработените – напиша Шаќири-Марковиќ.

Актерите во театарот велат дека се шокирани од одлуката со која на в.д позицијата се поставува Магдалена Ризова-Черних.

– Можеби е време театарот да го посети Инспекторатот за труд. Кога театарот беше на колена, во долгови и нарушени меѓучовечки долгови, в.д директорката што сега ја разрешува Министерството успеа да реши дел од овие проблеми и да го врати на добар пат. Се поставува прашањето дали некој со намера се обидува да го сруши Театар Комедија и да го врати во агонијата пред да се постави Нора Шакири за в.д. – прашуваат актерите.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.