Воздигнувањето на култниот Горан Таневски

На третиот ден Фестивалот на музика од светот ќе гостуваат легендарните „Лајбах“ во 20 часот на сцената на Центарот за култура 

Пишува: Љубица Ангелкова

15. Фестивал на музика од светот во Битола беше отворен на 23 ноември со интимна промоција во малата сала на Центарот за култура, започна со една силна симболика, која јас лично ја гледам преточена во пантеонот на готиката на еден далеку поширок простор од Македонија….би рекла пантеонот на некогашниот југословенски готски рок кој направи некогаш маестрална синтеза, за која денес слободно читаат некои нови генерации по светските музички енциклопедии, а тоа е Горан Таневски.

Тој е култна фигура во тоа некогашно музичко царство, човек кој и тогаш, а и со новиот албум, покажа како се слави жанрот на тој црн мозаик кој има бескрајна своја убавина. Ова е фестивал на музика од светот, а што е жанрот world music, ме прашуваа некои?
Дефиниции има многу, но ќе поедноставам еве вака: Она што Горан Таневски го правел од своите 20 години, па наваму во светот на звуците е дефинитивно музика на светот, пред овој жанр да стане општопризнат и фаворизиран. Па и да има фестивали по светот. Имавме посебна вечер во Битола посветена на албумот првенец „Ascend“ на Горан.

Но, она што силно го почувствував вчера беше некако комплицирано. И враќање кон некои убави времиња кога сѐ започна со таа once in a lifetime екипа во музиката на еден поширок географски простор од денешната наша татковина, до агонијата на истата таа некогашна држава, бивша татковина која умираше пред нашите очи.
И тие помешани чувства не се опишуваат.

Сум ги слушала Мизар во Љубљана и Загреб, а Лајбах во Белград и Скопје и ЕКВ секаде каде што настапуваа…пред многу, многу години.

Ве враќам назад, на тој убав мрачен призвук и на таа интроспективна лирика на која се базираше готик рокот и навистина не знам како тој најде плодна почва во поранешна Југославија во текот на 1980-тите. Да не правам сега листа, каде се тој жанр глобално доминираше и за какви величини станува збор. Веројатно, тој беше период обележан со политички пресврти и со општествени промени, позадина која музички ја негуваа бендови како Екатарина Велика, Лајбах и се разбира, Мизар. Овие бендови не свиреа само музика тогаш, тие го артикулираа колективниот бес и надежите на една генерација преку прогонувачки мелодии и длабоки текстови.

Мизар на Таневски, тогаш издлаби уникатна нишка во тој пејзаж. Пеејќи на македонски, играјќи со византиски и православни пеења, бендот создаваше звук кој истовремено беше етеричен и длабоко вкоренет во нашето културно наследство, а сепак создаден за светот подалеку од оваа географска одредница. Овој спој на локалното во тоа време – македонското со жанрот на готик рок беше без преседан, нешто што го издвои Мизар од нивните современици и им обезбеди култни следбеници низ целиот регион.

И зошто Македонија, во таа поранешна Југославија е некако првата асоцијација што ми паѓа на ум во врска со тој дарквејв? Да бидам искрена, истото важи и за алтернативната музика, воопшто. Зошто, ако нешто процвета во Македонија и Југославија во 80-тите, тоа дефинитивно беше музиката!
Во 1980-тите тој нов бран, пост-панкот…Ок и необичните фризури беа исклучително успешни, хаха…
На пример, сцената во Риека, Хрватска создаде цела низа пост-панк бендови, а додека Македонија, од друга страна, повеќе се фокусираше на потемната страна на пост-панкот, за денес теоретичари на музиката да ја сметаат за еден вид готско жариште меѓу поранешни држави на Јужните Словени. Бендот „Падот на Византија“, основан во раните 1980-ти, со малку имагинација може да се смета за еден вид Баухаус на поранешна Југославија. Впрочем, од Македонија доаѓаат редица имиња, музичари и бендови кои заслужуваат еден ден да добијат, вистинска алеја на славните. Можеби таа македонска музичка пролет на еден поширок простор, во тоа време значеше отворање на едно движење заедно со пријателските формации на Падот на Византија, Мизар и Архангел, промовирајќи ја македонската свест. Слично движење постоеше и во Словенија, тоа беше „Neue Slowenische Kunst“ (NSK) и круг бендови предводени од ултра-политички ангажираниот Лајбах.

И после толку многу децении, Горан Таневски со цел негов музички багаж на 15. издание на Фестивалот на музика од светот доаѓа во пакет со Лајбах. Никогаш, ништо не е случајно….да знаете.
И доста е веќе историја….тука сме за Воздигнувањето на Таневски.
„Ascend“, синоќа беше претставен во театарски спој на видео-арт и изведба во живо, во еден разговор на Горан Таневски со Илија Талев….и она што го видовме е доказ за трајната уметничка визија на Таневски. Албумот не е само збирка песни, тоа е наратив, продолжување на патот што Таневски го изгази со „Мизар“. Секоја песна е парче од поголем мозаик што зборува за едно патување низ темнината, во царството на самоактуелизацијата.

Музичката генијалност на Таневски и некогаш и сега, се издвојува по својата автентичност и иновативност. Неговата способност да ги спои меланхоличните тонови на готик рокот со богатството на македонската музичка традиција отсекогаш била револуционерна. „Ascend“ е една нова визија на оваа единствена и веројатно трајна уметничка потрага за овој артист, смела изјава преку звуци во жанр кој често се карактеризира со својата суптилност.

Присуството на Таневски на сцената во Центарот за култура беше сѐ. Зошто тој е човек кој одамна се има повлечено од јавноста. Оттука, појавата на албумот е фина пресвртница во новата историја не само на македонскиот, туку и на целиот поранешен југословенски готик рок. Ова е дело што му оддава почит на минатото, додека смело исцртува нов курс за иднината.

И да ве вратам на пантеонот….во кој многу бендови оставија свој белег, но малкумина ги редефинираа неговите граници како Горан Таневски.
Затоа „Ascend“, заслужува внимание зошто не е само продолжување на наследството на овој жанр, туку и убава нова лектира за следната генерација ентузијасти на тој дарквејв.

Фото: Диоген Хаџикоста Милевски

Сподели