„Волшебната хорна“ е насловен концертот кој во четврток во 20 часот ќе биде изведен во Филхармонија. Како солист ќе настапи Марк Грубер на хорна од Германија, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за хорна и оркестар бр.1 од Рихард Штраус и Симфонијата бр.5 од Антонин Дворжак.

– Во 1883 година Рихард Штраус го напишал својот Концерт за хорна и оркестар бр. 1, во две верзии, една со пијано придружба, другата со оркестарот. Овој концерт е еден од најчесто изведуваните концерти на светските сцени, не само денеска, туку и во 19 век кога бил напишан. Симфонијата број 5, Антонин Дврожак ја напишал за помалку од шест недели, и таа претставува камен-темелник во дефинирањето и развојот на индивидувалниот стил на овој чешки композитор. Таа претставува кулминација на неговиот ран творечки период, и во неа може да се согледа еволуцијата на неговиот музички идиом – велат од Филхармонија.

Роден на 24 мај, 1993 година, Марк Грубер уште од рана возраст го покажува својот интерес кон хорната. Од 2009 до 2012 година студира хорна кај професорот Јоаким Плтл на универзитетот „Роберт Шуман“ во Дизелдорф, Германија. Од 2012 година студира кај професорот Пол ван Зелм на Универзитетот во Келн. Грубер учествувал на многу мастер класови со реномирни хорнисти како Херман Бауман, Ерих Пензел, Кристијан Ламперт и Фројдис Ри Векре. Во летото 2011 година ја добива наградата „Debut um elf“. Настапува како солист со најдобрите младински оркестри во Германија со кои свири и како главен хорнист. Во 2013 година станува член на Европскиот младински оркестар и на Оркестарот „Бетовен“ од Бон. Од 2016 година е главен хорнист во Симфонискиот радио оркестар на Франкфурт.

„Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“, пишуваат критичарите за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво на интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.

Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург.

Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.