„Волшебното патување на Простор и Време“ е приказна за тажното детство без книга в рака

Во ова време на технологија, мислам дека е од голема важност да им ја доближиме литературата и приказните на децата, да ги научиме за нивната важност – рече авторот на приказната, Мирко Трајановски

Пишува: Александра Јуруковска

Сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“ од авторот Мирко Трајановски и илустраторот Кристијан Јованоски, беше промовирана викендов во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Книгата е возбудлива авантура со силна порака за важноста на читањето, пренесена и преку приказната и преку илустрациите.

„Волшебното патување на Простор и Време“ е првата книга во новата едиција „Џагор“ на печатницата „Софија“ од Богданци. „Џагор“ ќе се залага за квалитетна и уметнички издржана литература за деца и млади.

– „Волшебното патување на Простор и Време“ е приказна за тажното детство без книга в рака. Тоа е дело што зборува за една тема особено важна за децата денес, а истовремено им се обраќа на начин каков што е најпримамлив за детската публика – преку многу фантазија. Мирко Трајановски, со детска жар во мислите им пристапил на своите ликови и со мислите ве носи кај што сакаат и возрасните да патуваат и да се замислат – подвлече новинарката Сребра Ѓорѓијевска, промовирајќи ја книгата.

За авторот Трајановски „главен виновник“ за создавањето на „Волшебното патување на Простор и Време“ е неговата ќерка Мила и нејзината жед да слуша приказни, секоја вечер пред спиење. Тој смета дека е многу важно на децата да им се читаат приказни, дури и пред да почнат да зборуваат.

– Приказната тлееше подолго време во мене, но ја напишав во еден здив. Главниот мотив е две деца влегуваат во книга. Всушност, тоа беше и една од омилените наши игри за добра ноќ, дека децата читајќи влегуваат во различни приказни инспирирани од книги, филмови и цртани филмови. Ова е моја втора сликовница, првата беше од малку поинаков карактер. Но, оваа ми е навистина многу драга затоа што е директно и за деца и за возрасни. Во ова време на технологија, мислам дека е од голема важност да им ја доближиме литературата и приказните на децата, да ги научиме за нивната важност. За сликовниците, од особено значење е и илустрацијата, а тука огромна улога играат илустрациите на Кристијан Јованоски кои ја поттикнуваат детската фантазија. За мене еден од главните предизвици на човекот е никогаш да не ги изгуби љубопитството и фантазијата – истакна Трајановски.

Сликовницата ја илустрираше младиот ликовен уметник Кристијан Јованоски, кому ова му е втора  сликовница. Тој се одлучи за класична сликарска техника која е основа за секој уметнички израз, а од друга страна е најблиска до децата и до нивната креативност.

– Ликовите се оформени од динамиката во описот на ликовите на авторот кој детаљно ги насликал со зборови. Тие се прикажани како храбри деца, кои постојано читаат и имаат големо знаење. Важно ми беше да ја доловам и нивната меѓусебна љубов и поврзаност како брат и сестра. Боите се живописни, посебно внимание посветив на силната експресија, емоциите, а најмногу од сè, на радоста што тие ја шират. Користев класична сликарска техника, затоа што таа е најпрепознатлива за децата и може да ја поттикне нивната фантазија или потребата и тие да се изразат креативно, нешто да нацртаат – вели Јованоски.

За промоторката Ѓорѓијевска „Волшебното патување на Простор и Време“ е одличен спој на приказна со квалитетна илустрација, што е од особено важно за целата продукција на литература за деца кај нас:

– Илустрациите се одушевувачки и можам да кажам дека претставуваат визуелно естетско освежување на нашиот книжевен пазар. Ова е големо патување за секој читател – рече Ѓорѓијевска.

Сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“ е достапна на онлајн уметничката галерија Frida.mk.

Сподели