Во спомен на Влада Дивљан – концерт со специјалните гости Кирил Џајковски и Констракта

Големиот концерт посветен на еден од најзначајните музички автори на овие простори, Влада Дивљан ќе се одржи утревечер во 20 часот во Филхармонијата во Скопје. Специјални гости се Кирил Џајковски, пионер на електронската музика и уметник чиј препознатлив звук одамна ги надмина локалните рамки и Констракта, артистката што внесе свежа уметничка перспектива на регионална сцена со уникатен пристап, интелигентен хумор и современа естетика.

– Насловен „Само една љубов имам“, концертот го подготви групата „Невладина организација“ по повод десетгодишнината од смртта на Дивљан. Нивната турнеја со овој концерт симболично започна во Виена, со фантастична премиера во градот каде што Влада Дивљан живееше и твореше од 1999 година до крајот на животот, а по Белград и Загреб, сега пристигнува и во Скопје како дел од програмата на фестивалот „Таксират“ – велат од „Пасворд продукција“.

Бендот на Дивљан, „Невладина организација“ го предводат неговите долгогодишни пријатели и соработници Зденко Колар, Саша Шандоров, Борис Буњац, Марко Миливојевиќ и подмладокот Дамјан Дашиќ и Марко Чалиќ. Нивната најважна мисија е зачувување на Владините големи хитови и безвременски песни и повторно доживување на неговата музика заедно со публиката.

Македонската публика ќе има можност да го чуе и види бендот кој работеше со единствениот уметник Влада Дивљан и да ги запее песните од неговиот богат опус и од сите периоди на неговата музичка кариера. Бендот ќе ги изведе во живо најубавите песни од времето на „Идоли“, па преку соло делата, до „Олд старс“ бендот, „Невладина организација“ и „Лјетно кино“.

Влада Дивљан, пејач, композитор, гитарист, го основа еден од водечките бендови на новиот бран „ВИС Идоли“ во 1980 година. Тие ги објавија култните албуми „ВИС Идоли“, „Пдбрана и последњи дани“, „Чокојада“ и „Шест дана јуна“. Има објавено уште 8 албуми за време на неговата самостојна кариера, но и со групите „Олд старс“, „Невладина организација“ и „Лјетно кино“. Со Срѓан Гојковиќ-Гиле создаваше музика за деца, а компонираше за телевизија, филм и театар. Од 1999 година живееше во Виена, каде што почина на 4 март 2015 година.

Билетите за концертот може да се купат во продажните места на МкТикетс или онлајн на линкот. 

Сподели