Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Во спокој“ од Анита Огњановска. Таа ќе се претстави со нов циклус дела кои истражуваат теми како личните емоции, секојдневните моменти и симболиката на деталите кои носат длабока значајност. На изложбата ќе бидат претставени околу 40 дела, главно изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно.
Изборот на делата го направи професорот Костадин Танчев-Динка, познат графичар, графички дизајнер и сликар. Осврт на творештвото на Анита Огњановска ќе направи професорот Владимир Мартиновски, истакнат поет, есеист и книжевен преведувач. Дополнително, поетесата Ана Бунтеска напиша песна насловена „Во спокој“, инспирирана од сликите кои ќе бидат дел од оваа изложба, и истата ќе биде претставена на отворањето.
Анита Огњановска е ликовен уметник од Скопје со повеќе од 15 години искуство. Покрај самостојните изложби во Македонија, Хрватска и Данска, нејзините дела биле дел од групни изложби во Шпанија, Италија, Косово, Грција, Турција, Босна и Херцеговина, Франција, Данска и Австралија. Таа активно учествува на уметнички симпозиуми и колонии низ светот, што придонесува за збогатување на нејзината уметничка визија. Учеството на значајни настани како Salon d’Automne и Salon de Beauxarts во Париз и изложбите Kunst For Alle во Копенхаген и Архус ја потврдуваат нејзината растечка препознатливост во светот на современата уметност. Нејзините дела се застапени во галерии во Данска, Грција и Австралија и се дел од приватни колекции ширум светот.





