Во септември археолошки истражувања на Билазора, Љутков ветува сјајна иднина на локалитетот

Идниот месец ќе почнат систематските археолошки ископувања на локалитетот Градиште – Билазора кај селото Кнежје, Светиниколско. За ископувањата се обезбедени 304.000 денари. Во тек е непосредната заштита на пронајдените археолошки предмети, за што се издвоени 240.000 денари. Локалитетот вчера го посети министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Според него, ова е еден од најголемите и најзначајни раноантички градови во внатрешноста на Балканот, со големо културно и научно значење и неискористен потенцијал за развивање културен туризам.

– Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка за Билазора да го добие местото што го заслужува, зашто е еден од неколкуте најзначајни бисери на македонската археолошка мапа. Од 2008 до 2017 година овде се вршеа континуирани арехолошки истражувања, кои извесен период беа во категоријата капитални проекти. Истражувањата ќе бидат довршени и со тоа овој локалитет со огромни културни, научни и туристички потенцијали конечно ќе се стави во вистинска функција – рече Љутков.

Тој се сретна со директорот на Музејот на Свети Николе, Александар Нацев, со градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, со проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје и проф. д-р Драги Митревски, раководител на стручната екипа што ги реализира археолошките истражувања на локалитетот.

Љуков најави дека во наредниот период ќе се работи на заживување и збогатување на локалитетот со придружни културни, едукативни и комерцијални содржини за поквалитетна промоција на културното наследство и поттикнување одржлив економски развој преку организирање театарски, филмски и литературни фестивали, ликовни колонии и концерти.

Во Музејот на Свети Николе веќе е изложена постојана археолошка поставка посветена на „Билазора“ каде што може да се видат сите движни наоди откриени на локалитетот и да се добијат сите информации за неговото значење.

Сподели