Во Смилево на сретсело почнува патувачкото кино на „Македокс“

На сретсело во Смилево, Демирхисарско, вечерва во 20.30 часот почнува патувачкото кино на Фестивалот на документарен филм „Македокс“.

– Магаренцето на „Македокс“ патува веќе 15 години и стана препознатливо по своето волшебно самарче. Патувачкото кино раскажува и забележува приказни, тоа е неговата суштина. Спојува луѓе, енергии, судбини, преплетува исконски и современи приказни. На културата гледа пошироко од кино сали и помпезни настани. Ги носи на грб филмовите и го полни самарот со прикани до кои ретко се допира, ако не се оди пред коперација, на сретсело, ако не се испие кафе или ракија, со некои добри луѓе – велат од Фестивалот.

Патувачкото кино секоја година посетува нови 8-10 (помали) места и села во различни региони од Македонија. Сите проекции се сретсело, под отворено небо и се бесплатни. Првата проекција во Смилево е во соработка со Зрно-Фестивал на алтернативна фотографија и со институцијата „Смилевски конгрес“. Ова се локациите каде ќе гостува:

Смилево – 20 јули, 20.30 ч., сретсело;
Битола – 10 август, 20.30 ч., пред Офицерскиот дом;
Цапари – 4 и 5 септември, 20 ч., сретсело;
Буково – 6 и 7 септември, 20 ч., сретсело;
Долно Оризари – 8 и 9 септември, 20 ч., сретсело.

Сподели