Во Пелагонија нашите предци живееле во 6.400 година пред новата ера

Локалитетот го посети и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, кој го истакна значењето на Влахо за европската археологија, како и итната потреба за негова заштита и континуирано истражување

Нашите предци живееле во Пелагонија уште во 6.400 година пред новата ера во една од најстарите неолитски населби во Европа, потврдиле радиокарбон анализите на градинарски култури и животни. Во населбата на локалитетот Влахо луѓето во ова време веќе одгледувале доместицирани форми на житарици, леќа, грашак, говеда, овци, свињи итн. Археолози од земјава и од странство го истражуваат археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно, Пелагонија кој дава одлични резултати за едни од првите земјоделски заедници во Европа. Мултидисциплинарните истражувањата вклучуваат археолошко ископување во јужниот дел на оваа голема неолитска населба, геомагнетно скенирање на северната периферија, како и археоботанички, археозоолошки и хронолошки анализи кои се одвиваат во лабораториски услови. На почетокот на годинава локалитетот стана актуелен во јавноста откако багери усиштија дел од локалитетот копајќи јаглен.

– Годинашните ископувања го потврдуваат автентичниот карактер на оваа импресивна предисториска населба во коja откриени се повеќе правоаголни и овални градби, ровови, структури, врвно изработена керамика и алатки од камен и коска. Некои од откриените архитектонски структури претставуваат уникатна појава во македонскиот неолит, што дополнително го потврдува раното населување на земјоделските заедници во овој регион и нивната врска со популациите од Анадолија и Блискиот Исток – велат од Центарот за истражување на предисторијата, раководители на ископувањето.

Пронајдените артефакти дополнително ги потврдуваат високите технички дострели на жителите на оваа неолитска населба што се рефлектира во импресивните керамички садови и нивното декорирање.

Поради својата уникатност во рамки на просторната организација сочинета од десетина ровови, како и поради мошне раното датирање, локалитетот Влахо предизвикува големо внимание во светската археолошка јавност, што резултира со публикации во еминентни научни списанија и предавања на повеќе европски универзитети. Во текот на истражувањата, локалитетот го посети и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, кој го истакна значењето на Влахо за европската археологија, како и итната потреба за негова заштита и континуирано истражување.

Овој локалитет неодамна се соочи со катастрофално оштетување поради ископување на јаглен што предизвика бурни реакции во домашната и светската јавност, и беше на време спречено поради брзата интервенција на Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Битола, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за култура и Основното јавно обвинителство – Битола. Најновите откритија при овогодишните истражувања уште повеќе го потенцираат уникатниот карактер на археолошкиот локалитет Влахо, а кои следната недела ќе бидат претставени на предавање на Слободниот универзитет во Берлин.

Мултидисциплинарното истражување на Влахо претставува повеќегодишна континуирана соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, а во соработка со истакнати стручњаци од Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Јагиелонскиот универзитет, Археолошкиот музеј на Македонија, Институтот за старословенска култура и Завод и музеј – Прилеп. Теренското и лабораториското истражување на овој локалитет се подржани од германската Фондација за проучување и заштита на тумбите, а анализите од македонското Министерство за култура. Во тек се подготовки на публикации со најновите сознанија за Влахо, а кои го следат текот на негово научно афирмирање во врвни европски, американски и македонски списанија и конференции.

Фото: Христијан Талевски

(В.И.И.)

Сподели