Во пандемија македонските филмови учествуваа на 222 фестивали и освоија 59 награди

„Златна рамка“ е огледало, пресек од тоа што е реализирано во изминатата календарска година, вели Ана Василевска, уметнички координатор на ревијата

Љубителите на филмската уметност од утре до недела ќе имаат можност на едно место, бесплатно да ги погледнат новите домашни остварувања, а на проекциите одблизу да се запознаат со дел од филмската екипа. Жанровска разновидност, каледиоскоп од авторство, некои повеќе, некои помалку возбудливи приказни, но секако ќе може во континуитет да ја проследи домашната кинематографија, која во изминатите четири години направи значаен исчекор, стана национална гордост, вели Ана Василевска, уметнички координатор на „Златна рамка“ – Денови на македонски филм во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија, чие трето издание од утре до недела ќе се одржи на неколку локации во Скопје.

Во пресрет на третото издание на „Златна рамка“ логично е прашањето, каква домашна продукција имавме во пандемската година?

– „Златна рамка“ како своевиден отчет на сработеното во домашната филмска продукција во една календарска година е огледало, пресек од тоа што е реализирано во изминатата календарска година. Тоа не значи дека тие филмови се снимени во таа година, туку тогаш имале своја премиера. Така, во годинашната програма се вклучени филмовите што се снимени пред пандемијата. Ако се погледне програмата, станува јасно дека три долгометражни филма (Хомо, Стела, Дедо и внук) не се завидна бројка, но тоа беше очекувано. Мора да се има предвид фактот дека и веќе реализираните филмови немаа можност за премиера на светските фестивали кои ги поместија своите термини. Но, краткометражната и долгометражната продукција не треба да се занемари и сметам дека посетителите нема да ја пропуштат оваа единствена можност на едно место, бесплатно да ги погледнат новите остварувања, а на проекциите одблизу да се запознаат со авторите и со дел од филмската екипа. Публиката може да очекува жанровска разновидност, каледиоскоп од авторство, некои повеќе, некои помалку возбудливи приказни. Но, секако ќе има можност во континуитет да ја проследи домашната кинематографија која во изминатите четири години направи значаен исчекор, стана национална гордост. Наградите и успесите веќе не се ништо неочекувано, а добри вести за нашиот филм слушаме секојдневно. Сепак, пандемијата ја погоди оваа дејност како и многу други, но филмаџиите не се деморализирани и годинава се случија неколку снимања, чии производи се надевам ќе ги видиме идната година.


Според програмата, доминираат краткометражни филмови. Освен ковид-19, кои беа другите причини за намалената долгометражна продукција?

– Севкупната програма, односно продукција е намалена. Велат едно зло никогаш не оди само. Во време кога цивилизираниот свет ја разбра важноста на аудиовизулниот сектор и колку филмската уметност ни помогна на сите да опстанеме во деновите на карантин, па обрна посебно внимание за поддршка на својата кинематографија, кај нас буџетот за филм беше значително намален. Филмските работници добија симболична материјална поддршка и беа оставени да се снаоѓаат кој како знае и умее. Неразбирливо е како е можно да се минира оваа дејност, да ѝ се кратат крилјата, кога таа стана наш најголем културен репрезент, кога македонскиот филм е апсолутно раме до раме со европскиот. Се чини, дека тоа наше традиционално проклетство, да ретерираме пред успехот така сизифовски откако ќе го искачиме каменот до врвот, да го пуштиме повторно да се тркало надолу, тешко се искоренува. Некогаш навистина е тажно и фрустрирачки да се гледа како во другите земји и најмал успех добива вистинско значење и поддршка од државата. Кај нас, би рекла односот на државата е хазардерски, како да сака да го прокоцка и тоа што го имаме. За жал, ова не е случај само со филмот, таков е односот кон севкупното културно наследство и кон она што се создава во овој миг, а испишува историја и треба да остане за генерациите после нас.

На ревијата е предвидена трибината „Три децении независен филм во независна Македонија“. Како би ги опишале овие три денецении во македонскиот филм? Можевме ли подобро?

– Трибината која годинава се реализира во соработка со Македонската телевизија, за да го вклучи националниот сервис во промоција на нашата филмска уметност, ќе биде посветена на развојот на филмот во изминатите три децении независност на државата. Интересно е да се проговори како паралелно со општествените и политичките промени, со транзицијата, со развојот на државата, неминовно се случија промени и во филмската продукција. Почнувајќи од тоа што на самиот почеток од независноста се формираат и независните продукции кои ги прават првите чекори, без дотогашниот „P филм“, па до темите за кои се зафаќаат новите автори, па како тие транзитираа содржински и естетски од старите матрици до нови идеи, до денешната физиономија на нашиот филм, поминат е голем пат. Дали можевме подобро е добро прашање, кое како за филмот, така важи и за државата. Би рекла дека филмот, за среќа, изигра подобро од политиката, но имало и големи падови. Сето тоа е дел од капацитетот, од можностите, од менаџирањето од страна на оние кои одлучувале за поддршка и правеле стратегија за развој на филмот. Од кинематографија кон која и нашата публика имаше отпор, секогаш со проценка дека очекува да види лоша глума, здодевни сценарија, секогаш истите социјални драми, денес оваа преспектива е сосема променета. Важно е дека денес успехот не е инцидентен и не е резултат на само еден или двајца автори, туку доаѓа и од оние зрелите и од младите автори и филмски екипи. А за љубов кон нашиот филм, тука е токму оваа ревија која треба да придонесе во градењето на филмската култура и да го доближи нашиот филм до нашата публика.

Ана Василевска

„Медена земја“ лани ја позиционира Македонија на едно ново ниво на меѓународната сцена, многумина велеа дека тоа ниво не смее да се спушти. Дали успеавме во тоа?

– Секако двојната оскаровска номинација на „Медена земја“ е висок дострел, но многу филмови се мапираа со успех и на „Санденс“, во Берлин, Кан и на многу други фестивали. Во 2020 година македонските филмови имаат 222 учества на меѓународни фестивали и освоиле 59 награди. Ова наметна критериум од кој не смее да се оди подолу. Во актуелните околности и натаму успеваме да го одржиме ова ниво, и се надевам дека така и ќе остане.

Колку тој товар дека треба да се работат филмови што ќе постигнуваат големи успеси може негативно да влијае врз креативниот процес на авторите?

– Да се пренесе една жива фантазија на филмското платно, да се изгради еден поглед на светот и во тој поглед да се најде соодветен филмски израз – тоа значи да се сака нешто, и тоа да се каже, да се соопшти еден резултат од долга равенка, да се спои поттекстот преку конечната формула, изразена преку неколку знаци, и од најденото решение. Тоа е тоа што во уметноста го заслужува вниманието, умешноста нешто вешто да се каже. Нема сомнеж дека првата грижа на авторите на филмот треба да биде посветеноста да се отстрани таа диспропорција меѓу желбата, способноста и објективните можности, но притоа критериумот на критиката не смее да биде заведен од кокетноста зад која се крие таа диспропорција, ниту пак да биде повлечена од бездната на препотентните и мегаломански претензии и бледото остварување. Не треба да се потценува ни филмот, ни публиката.

Сподели