Во Москва организирани Денови на македонската култура

Со претставување на книги од македонски автори објавени на руски јазик минатата година во Москва се одржаа Денови на македонската литература по повод Денот на словенското писмо. Манифестацијата ја организираше Олга Панкина, успешно продолжувајќи да го реализира проектот „Читаj jа Македонија!“ што го започна пред десет години. Деновите беа отворени во Библиотеката „А.Н.Толстој“ со претставување на книгите кои Панкина ги преведе на руски јазик: романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски (Центар за книга „Рудомино“), изборот поезија на Влада Урошевиќ со белешка за авторот (списание „Иностранаја литература“), романот „Лавиринт на вистината“ на Оливера Jовановска („У Никитских ворот“), повеста-приказна „Силјан Штркот“ на Марко Цепенков („У Никитских ворот“) и поетската книга „Животот е фантастичен, но…“ на Лилjана Стоилковска Андовска („Академија на поезијата“). Панкина најави дека наскоро од печат ќе излезе поетската збирка насловена „Jужна sвезда“ на Влада Урошевиќ, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата 2023.

Литературната средба одржана на 17 мај во Серуската државна библиотека за странска литература му беше посветена на македонското народно творештво. Беше отворена изложба на книги кои ги обезбедија Панкина и библиотеката. За настанот таа преведе и со свои средства за печатење ја обjави познатата приказна „Силјан Штркот“, сметаjќи jа за најубава творба на собирачот на македонското народно творештво Марко Цепенков.

Пред публиката, приказната, како и изборот македонски народни песни, блескаво ги прочитаа артистите на Театарот „Город“ од градот Долгопрудни. На 24 Мај, Панкина како претседател на невладината организација Македонски културен центар во Москва положи цвеќе пред споменикот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

На 27 мај во просториите на Библиотеката за странска литература се одржа разговор со читателите, за проектот „Библиотека на литературата на Македонија“ реализиран од Панкина, а кој се состои од антологиите: „Македонски раскази“, „Современа македонска драма“, „Современа македонска поезија“ – до сега најрепрезентативни изданија на македонската книжевност на руски. Уметникот Александар Белугин, илустратор на книгите, им покажа на присутните како се црта коњаникотот – графит, гребен на фреска, од 13 век, од црквата Св. Ѓорѓи, во селото Горни Козјак, кој стана лого на таа книжевна едиција.

Беше претставен и проектот „Сто словенски романи“. Македонската книжевност во него е застапена со пет романи преведени на руски од Панкина: „Вежби за ибн Пајко“ на Оливера Николова, „Барајте го гавранот“ („Дива лига“) на Влада Урошевиќ, „Азбука за непослушните“ на Венко Андоновски, „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски и „Недела“ на Ермис Лафазановски. Панкина на сите заинтересирани им подари книги на македонските автори.

Сподели