Во микросветот „Чаршија“ потсетуваме за емпатијата, изгубените вредности, генерацискиот јаз, изумирањето на занаетите

Луѓето од чаршијата ги делат и се соочуваат со истите предизвици, како и останатиот свет. Сè помалку емпатија, отуѓување, изгубени вредности, генерацискиот јаз, миграција на младите, изумирање на старите занаети, тенденција да се фати чекор со времето… Преку тој микросвет наречен „Чаршија“ мислам дека отворивме универзални прашања, теми кои ја засегаат не само чаршијата, туку глобалното опкружување – вели актерот Борче Начев, кој игра во серијата „Чаршија“ во режија на Сибел Абдиу. Овие симпатични епизоди во траење од 3 до 5 минути, што може да се проследат на јутјуб-каналот на серијата се снимени во срцето на Чаршијата во студио изградено во нејзиниот средишен дел. Играат плејада актери што зборуваат на македонски, албански, турски и други јазици. Се преплетуваат култури, јазици, генерации и сите се разбираат.

Актерите Адриан Азири и Борче Начев

Со Борче Начев, кој е актер во Македонскиот народен театар, поразговаравме за ова одличното искуство со снимањето на серијата, или како што вели самиот, „искра светлина во продукцискиот мрак кој нè има завладеано со години наназад. Еден вид континуитет на нешто што треба да биде секојдневие на нашата фела.“

Како ви се допаѓа концептот на куси епизоди?

– Живееме во време на невидена динамика. Никој не нè прашува дали нешто ни се допаѓа или не. Едноставно, изразот и формата ги диктира времето и начинот на живот на кој сме сведоци, поинаку не би се вклопиле, не би биле во чекор со времето. Иако кратката форма не е нешто ново, нешто со кое се среќаваме за прв пат, сепак е многу посложена од долгометражниот формат. Бара пофокусиран и поизострен пристап за да се дојде до есенција. Посебна умешност е со малку да кажеш многу. Да ја раскажеш главната приказна во тајминг од една минута, или, во истата приказна проблемите на повеќе ликови во три до пет минути.

Ја одразува ли серијата можеби носталгијата за некогашниот соживот што постоел вистински во Чаршијата?

– На некој начин, да. Но, тој соживот постои и сега ако си дел од него. Всушност, тоа го докажавме и со мешаната екипа која ја создаваше серијата. Но, во исто време серијата е и сведок на актуелните случувања. Луѓето од чаршијата ги делат и се соочуваат со истите предизвици како и останатиот свет. Сè помалку емпатија, отуѓување, изгубени вредности, генерацискиот јаз, миграција на младите, изумирање на старите занаети, тенденција да се фати чекор со времето… Преку тој микросвет наречен „Чаршија“ мислам дека отворивме универзални прашања, теми кои ја засегаат, не само чаршијата, туку глобалното опкружување.

Каква е атмосферата на снимањето? Верувам дека многу се смеете.

– Позитивна, релаксирана, искрена. Смеењето е неизбежен момент во таква атмосфера, посебно кога се работат сцени со комична содржина. Драгоцено е искуството кога се работи со мешана екипа од сите националности, вери, ориентации, а во исто време, никој не се повикува на ништо од тоа, туку функционира како еден компактен организам кој треба да даде единствен резултат.

Сметате ли дека треба повеќе да се снимаат серии? Се чини како да каскаме многу зад регионот по ова прашање?

– Треба, но за да се случи тоа, треба и да го најдеме патот до поголемиот пазар. Не само да увезуваме, туку да создадеме квалитет што ќе можеме да го извеземе. Во спротивно сме неконкурентни, а конкуренцијата на пазарот е немилосрдна. Чувството дека каскаме зад регионот е оправдано. Дури и процентуално земено по број на жители (потенцијални консументи) споредено со соседните земји сме во сериозен расчекор. Сведени сме на минимум играна филмска продукција и нула ТВ и сериска продукција.

Што имате на репертоар сезонава во вашата матична МНТ? Или можеби работите на некоја претстава во моментов?

– Последно и најактуелно во мојата матична куќа МНТ каде земав активно учество е спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ со кој одбележавме 80 години постоење на нашиот театар. Новата сезона е на почеток и се надевам ќе бидам вклучен со свој ангажман во реализација на неколкуте проекти предвидени во програмата на МНТ за 2026 година. Во меѓувреме сум посветен на идејата и концептот за подготовка на претставата „Диво месо“ кое ќе биде едно поинакво видување и читање на драмски текст, одиграна преку јазикот на современиот танц.

Сподели