Во МАНУ промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“

Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска напладне ќе се одржи промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски. Книгата е издание на „Арс Ламина“, а ќе ја промовираат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.

Изданието е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“ и содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата, како и илустрациите на страниците, се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, син Петре М. Андреевски.

Автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ се еминентни македонски автори: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.

Книгата ќе биде достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Сподели