Во куќата на Борко Лазески ДЛУМ ја отвора изложбата експериментален цртеж

Во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески, вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Цртеж, експриментален цртеж“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Изложбата ќе ја отвори евроамбасадорот Дејвид Гир.

Изложбата се организира по 8. пат, а целта еда им овозможи на уметниците да ги презнетираат делата каде се поместуваат границите на традиционалниот цртеж, се повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми.

– Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците кои се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи кои ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да откриваат нови можности на ликовна креација. Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и користат нови материјали и техники – велат од ДЛУМ.

Со можноста за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел великанот Борко Лазески, ДЛУМ отвора можност за осврт кон делото на Борко Лазески. Идејата е да се поттикнат современите автори за истражување и создавање на сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност.

Фото: Од ланската изложба на дела во куќата на Лазески

Сподели